Унификација на стариот дел на Охрид со дрвени рекламни табли на дуќаните
Дрвени унифицирани рекламни табли го красат визуелниот лик на Стариот дел на Охрид. Сите угостителски, трговски и занаетчиски дуќани добија идентични табли кои прво се напишани на кирилично писмо а потоа на латиница. На улиците Цар Самоил, малиот плоштад и Коста Авраш до плоштадот поставени се вкупно 74 нови дрвени табли. Унифицирани табли ќе добијат и дуќанџиите вдолж охридската чаршија.
Целта е унификација и подобра визуелизација на просторот, дуќанџиите сега ќе треба да ги отстранат старите светлосни неонски реклами кои го нарушуваат автентичниот лик на градот.
„ Оваа анализа покажа дека бевме соочени со вистинска девастација во однос на форми бои, материјали, големини, димензии, адекватност и неадекватност на просторот во однос на поставување на фирмите. Соочени со таа состојба на крајот од 2022 година веќе го усвоивме правилникот за поставување на урбана и мобилијарна опрема во град Охрид, кој што е пропратен воедно со каталог на урбана и мобилијарна опрема. Каталог кој што станува заклучно со 01 01 2024 официјален документ на општината и гардот и ќе треба да ги задоволи сите овие стандарди”, вели Горан Мицкоски проектен менаџер.
Како дел од проектот е унификација и на сите тенди на летните тераси на угостителските објекти.
„Секако и за нив се иработени три четири опции варијанти и нијанси кои што мегу себе мора да го задржат тој изглед на меѓусебна компатибилност, форма, боја, засега оваа година е планот да продолжиме по чаршијата и со нив да органзиираме координативни средби. Изминатата година врз основа на Правилникот и градоначалникот и советот на општина охрид имаа сенс да дадат поддршка на овој проект и да одделат средства кои што ќе бидат инвестирани така да корисниците не ги чини ништо”, додава Мицкоски.
Проектот е во согласност и со препораките на Унеско за зачувување на автентичниот лик на старото градско јадро на Охрид.
Новинар Соња Рилковска