Skip to main content

Охрид добива нов урбан лик, заврши реализацијата на проектот за визуелна унификација на урбана опрема

Со замена на старите и поставување на нови, типизирани огласни табли, Охрид прави значаен чекор кон уреден и препознатлив урбан изглед. Проектот, кој опфати повеќе фреквентни локации во градот, е веќе успешно реализиран.
 |  Маја Савиќ  | 

Општина Охрид го заврши проектот за визуелна унификација на урбаната опрема, со што градот добива посовремен и поуреден изглед. Во рамки на активностите, заменети се вкупно 290 огласни табли на улиците „Цар Самоил“ и „Коста Абраш“, на Градскиот плоштад долж „Св. Климент Охридски“, како и во Старата чаршија на улицата „Гоце Делчев“.

Градоначалникот Кирил Пецаков упати благодарност до занаетчиите, трговците и угостителите за поддршката во реализацијата на проектот, нагласувајќи дека со ова Охрид добива лик каков што заслужува.

Визуелната унификација на урбаната опрема се врши според донесениот Правилник и каталог за стандардизација со кои детално се пропишани видот, типот и карактеристиките на опремата со цел создавање на препознатлива и уредена урбана текстура на јавните површини. Целта на локалната самоуправа е да воспостави долгорочен ред и естетика во урбаното уредување, што е особено важно за туристички град како Охрид.