Уникатната гастро приказна Пирустија Неданоски е магнет за туристите
Основата на руралниот туризам е традиционалната вкусна храна. Етно-руралниот и гастро туризмот денес во светски рамки се тренд, кој привлекува се повеќе туристи.
Старите традиционални специјалитети ѓоблезе, питулици, комат, месо, јајца, сирење од сопствената фарма, зеленчук и овошје од сопствената градина, свежо набрано и сервирано заедно со гостите е магнет за посетителите. Едно сосема поинакво доживување.
Ваква семејна приказна, чија цел е да се сочуваат традиционалните јадења и достојно да се промовираат пред светот е „Пирустија Неданоски“ во селото Рамне.
„Ние треба да се грижиме за тие приказни затоа што во многу наврати имам кажано колку повеќе го шеташ светот забележуваш, дека луѓето од ништо направиле приказна , а ние под секој камен буквално имаме приказна , треба само да ја отскриеме да ја раскажеме и со тоа да се гордееме, буквално со се што имаме, се што светот го цени кај нас ние не треба да се срамиме туку тоа да го прикажеме. Многу винарии, производители на земјоделски производи, сувомеснати производи, квалитет е тоа што нудиме.“, вели Наташа Неданоска, креатор на Пирустија Неданоски во село Рамне.
Неданоска, која воедно е и наставник по Македонски јазик, од мала е вљубеник во готвењето, денес ги оживува заборавените специјалитети кои ги подготвувале бабите во минатото и тоа на автентичен начин под сач и пирустија.
„За мене беше предизвик сето тоа што знам да го печам во електрична печка да го правам под сач на пирустија и од тука само по себе си дојде името. Инаку секој гостин што ќе дојде овдека а и ние треба да јадеме. Она што го сакам и го нудам не е мешање во туѓи кујни, кај нас нема да сретните штипска пастрмајлија или нешто што го има во земјава, но не е автентично на охридксиот регион. Кај мене заедно ќе подготвиме копарник, преснец, кошмишпите, питулици, ѓомлезе јадења кои што се автентични исклучиво за охридскиот крај, кои што се сами по себе деликатес и јас велам дека умешноста на една поранешна жена во нашата земја е од тоа што од едно исто тесто можела да подготви различни јадења за секој ден и тоа да се баш специјалитети и тоа е големите на тие жени кои треба на ваков начин да ги славиме и да ја пренесуваме традицијата”, додава Неданоска.
Французи, Италијани, Швеѓани Норвежани, Кинези, Јапонци уживаат во уникатната гастро приказна. И не само што ќе вкусат од македонските специјалитети туку сите имаат можност и да месат и да сучат.
Неданоска за успешно да ја пренесе традицијата држи и часови насловени „Учиме да сучиме” годинава првата работилница е закажана за 08 јуни а е наменета за адолесценти.
Новинар Соња Рилковска