Универзитетите на Балканот мора да се поврзат во еден вид сојуз бидејќи тие се значaен ресурс кој мора да се развива
Поврзувањето на младите луѓе од регионот преку образованието во рамки на проектот „Отворен Балкан“ е најголемиот придонес кон добри билатерални односи меѓу државите, развој на стопанството и соработка во разни сфери.
Во таа насока, позицијата на Белградскиот универзитет на Шангајската ранг листа е важна затоа што тоа го повлекува целиот регион преку соработка со високообразовните институции во Македонија, Словенија, Хрватска, делови од Босна и Херцеговина,од идната година се вклучува и Црногорскиот универзитет, а се надеваме и од Албанија, вели Младен Шарчевиќ, советник за образование на претседателот на Р. Србија, Александар Вучиќ.
„Јас долго работам во образование и целта ни е да дознаеме кои факултети се добри за да им ги препорачаме на младите луѓе бидејќи односoт цена-квалитет не е само во корист на британските скапи факултети во Западна Европа. Доколку имате факултети кои се рангирани меѓу првите 100 или 200 на Шангајската листа , кои имаат исклучително високи резултати, каде има институти на балканот кои се стари над 150 години, тоа е наш ресурс, нешто што мора да се чува и на некој начин да се развива и шири.“– потенцира Шарчевиќ.
Образованието е единствена категорија со науката која ги помирува народите, создава сојузи често повеќе и од уметноста и спортот, вели Шарчевиќ и додава дека целта е да се создаде еден голем сојуз каде и универзитетите од Македонија ќе ги понудат своите квалитети.
„Важно е државата во своите стратегии за развој на стопанството да планира дека ќе има високообразовани луѓе, да дава стипендии кои потоа тие млади луѓе ќе треба да ги вратат преку работа во својата земја. Унгарија која не е толку далеку од нас, тоа го прави совршено добро. Белградскиот универзитет е во првите 1,8% најдобро рангирани универзитети и тој може да биде таа врска, да се создаде можност да се работи на различни програми . Тоа е поврзано со стопанството, Охрид е туристичка дестинација и имаме голем интерес тука за туризмот , за здравствен туризам и воведување нови мастер модели во иднина. “ – кажа Шарчевиќ.
Во рамки на проектот за поврзување на универзитетите од регионот во Охрид се одржа Саем за образование на кој беа презентирани можностите, условите, стипендиите и другите бенефиции за македонските средношколци за продолжување на образованието во Р. Србија. Ваквиот вид на соработка на полето на образованието е значаен за развој на целиот Балкан, истакнаа претставниците на српските факултети.
„Факултетот за применети науки од Ниш нуди стипендии на најдобрите ученици од средните училишта, се разбира дека постои рангирање. Имаме една многу добра бројка на студенти од Македонија и имаме добра соработка со образовните институции од Македонија за да им се излезе во пресрет на учениците кои сакаат да студираат во Србија. “ – кажа Филип Цветковиќ – Факултет за применети науки Ниш.
Настанот беше во организација на амбасадата на Р. Македонија во Србија и Почесниот конзулат во Охрид, а со поддршка од Општина Охрид.
„Поддршка којашто е огромно значење нашите матуранти да видат со кои студиски програми можат да го продолжат своето образование, а понатаму како стручни кадри наша цел е да се вратат во својот град, во Македонија и стекнатото знаење да го докажат тука и да вложат и во својата и во иднинат на градот. “– истакна заменик градоначалникот на Охрид, Перчо Божиновски.
Овај проект е само еден од низата, кои во фокусот ги имаат младите луѓе и се планирани за во иднина со поддршка на Почесниот конзулат на Р Србија во Македонија со седиште Охрид.