Универзитетот Св.Апостол Павле ќе ја интензивира научната соработка со научен институт од Јапонија
Во Јапонија склучен договор за соработка помеѓу Институтот за наука и технологија од Нара и Универзитетот „Св. Апостол Павле“.
Интензивирање на научната соработка помеѓу Универзитетот за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ и Институтот за наука и технологија од Нара-Јапонија. Ректорот на „Св. Апостол Павле“ – проф. Нинослав Марина и претседателот на Институтот за наука и технологија од Нара – проф. Наотаке Огасавара потпишале договор за соработка помеѓу двете институции.
Договорот е потпишан во рамките на посетата на ректорот Марина на Институтот од Нара, а истиот предвидува интензивирање на научната соработка помеѓу институциите потписнички, особено во насока на трансфер на знаења и технологии и соработка при реализација на научни проекти. Според ректорот Марина, институтот за наука и технологија од Нара е помеѓу водечките високообразовни институции во Јапонија со силен фокус врз истражувачката работа и импресивни резултати во остварувањето на приходи од продажба на патенти. Тој вели дека меѓународната соработка и поттикнувањето на истражувачката работа заземаат централно место во рамките на програма на охридскиот универзитет, и според него оваа соработка нуди големи потенцијали во насока на развој и подигнување на реномето на универзитетот „Св.Апостол Павле“.
Во рамките на неколкудневниот престој, ректорот Марина ќе одржи и повеќе предавање и ќе има можност одблиску да се запознае со структурата, истражувачките капацитети и актуелните научни проекти на Институтот за наука и технологија од Нара.