Почнуваат уписите во Летната пливачка школа на ПК „Акваспирит“

Пливачкиот клуб „Акваспирит“ од Охрид ги започна уписите за традиционалната Летна пливачка школа, која и оваа година ќе се одржува на градскиот пливачки базен „Атина Бојаџи“ во рамки на СРЦ „Билјанини Извори“.
Школата започнува на 1 јули, а тренинзите ќе се реализираат секој работен ден во претпладневни и попладневни термини, прилагодени на потребите на децата и нивните семејства. Програмите ќе бидат адаптирани според степенот на обученост на учесниците.
Цената за учество изнесува 3.000 денари за едно дете, односно 5.000 денари за две деца од исто семејство, додека третото дете ќе може да посетува бесплатно.
Од клубот информираат дека пливачката школа ќе биде бесплатна за сите заинтересирани првенци на генерација од основните и средните училишта на територијата на Општина Охрид.
Покрај совладувањето на пливачките вештини, за учесниците се предвидени бројни спортски активности, дружења, забава и натпревари со награди.
За пријавување потребно е родителите да го пополнат електронскиот формулар (на линкот ТУКА ) да обезбедат потврда од матичен лекар дека детето е здраво и способно да посетува пливачка школа, како и на 29 и 30 јуни да ја потпишат потребната документација на штандот пред спортската сала „Билјанини Извори“, кој ќе биде отворен од 09:00 до 11:30 часот и од 17:00 до 19:00 часот.
За дополнителни информации заинтересираните можат да се обратат на телефонските броеви 077 703 686 и 078 355 291.




