Употребата на тутун како ризик фактор за смртност во земјава е на трето место
Истражувањата направени од Институтот за јавно здравје покажале дека по цигара посегнуваат се поголем процент на ученици од помала возраст. Светската здравствена организација ја почнува кампањата за борба против пушењето под мотото „Посвети се за да се откажеш “.
Во Македонија активни пушачи се 46 проценти од популацијата на возраст од 15 до 69 години. Од употреба на тутун како ризик фактор за стапката на смртност во земјава пушењето е на трето место, веднаш зад високиот крвен притисок и хипергликемијата. Како последици од пушењето умираат 4300 пушачи на годишно ниво, информира д-р Даниела Чингоска, специјалист по социјална медицина и јавно здравје од охридскиот Центар за јавно здравје. Направените иsтражувања покажале дека по цигара посегнуваат се поголем процент на ученици од помала возраст. Во 2018 и 2019 година Институтутот за јавно здравје направил истражувања врз ученците на возраст од 11 до 15 години.
„Ова истражување покажа дека 10 до 20 посто од учениците на таа возраст се активни пушачи. 4,1 процент од учениците почнале да пушат тутун на 11 години па дури и на порана возраст. 21 посто од адолесцентите изјавиле дека пробале и електронска цигара. Во последно време влегува во мода и тутун кој се загрева, а не гори IQOS цигари кои содржат голем број на хемикалии кои ги прават подеднакво штетни од обичната цигара“.
Над 7 милиони луѓе умираат годишно во светот од ризик фактор од пушењето. Во поразвиените светски земји постои позитивен тренд на намалување на стапката на смртност поврзана со пушењето. Во 1990 стапката на смртност од тутун била 146 на 100.000 жители, а во 2017 се намалила на 90 на 100.000 жители.
„Гледано по возраст, највисока стапка на смртност од тутун како ризик фактор се бележи во групата над 70 годишна возраст . 47 посто од смртноста предизвикана од пушењето е кај оваа популација предизвикана како резултат на долгодишната кумулативна употреба на оваа супстанца“.
На 31 мај светскиот ден на борбата против пушењето Светската здравствена организација ја отпочнува кампањата за борба против пушењето под мотото „Посвети се за да се откажеш “. За сите пушачи ширум светот кои имаат пристап до интернет на нивната страница во употреба ќе има дигитална платформа со дигитални алатки кои ќе им нудат помош на пушачите кои сакааат да се откажат од пушење .