Skip to main content

Висока делегација на Управата на полицијата при МВР на Р. Србија во тридневна работна посета на СВР Охрид

Посетата се реализира во рамки на Протоколот за соработка меѓу МВР на Северна Македонија и Србија, а во фокусот беа работните средби со мешовитите полициски патроли и унапредувањето на билатералната соработка.
 |  инфодеск  | 

Во тридневна работна посета на Охрид престојуваше висока делегација од Управата на полицијата – Дирекција на полиција при Министерството за внатрешни работи на Република Србија, предводена од Началникот на Управата на полицијата.

Посетата беше реализирана во рамки на Протоколот за соработка меѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи на Република Србија за ангажирање полициски службеници во текот на летната и зимската туристичка сезона.

Домаќини на српската делегација беа Началникот на Секторот за полициски работи од општа надлежност при Одделот за униформирана полиција и Началникот на СВР Охрид.

Во текот на посетата беа одржани работни состаноци, како и теренски средби со мешовитите македонско-српски полициски патроли, кои и оваа летна туристичка сезона успешно придонесуваат за безбедноста на туристите и граѓаните во Охрид и останатите туристички места.

Работната посета претставува уште една потврда за успешната и долгогодишна соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете држави. Истовремено, таа придонесува за понатамошно продлабочување на партнерските односи, размена на професионални искуства и унапредување на соработката меѓу униформираните полициски службеници на Република Северна Македонија и Република Србија.