Урбаната опрема-жешка тема на петочната седница на Совет
Во петок ќе се менува и дополнува програмата за поставување урбана опрема за 2015г.
Поставувањето на урбана опрема за 2015та година ќе биде една од жешките теми на петочната 37 седница на Советот на општина Охрид.
Советниците ќе се произнесат и по однос на неизбежните предлог одлуки од сферата на урбанизмот. Од нив, се чини најинтересна е онаа за дефинирање на границите на централното градско подрачје. Ова, според претставници од Секторот за урбанизам го налагаат Законите за градба и за градежно земјиште, бидејќи, од тоа, дали објектот или земјиштето се наоѓа во централно градско подрачје ќе зависи и бројот на паркинг места при добивање одобрение за градба, но и цената при продажба на градежно земјиште. Воедно, на седницата ќе се гласа и за три детални урбанистички планови меѓу кои и оние за локалитетот Горица-Св.Стефан-Метропол и населбата Чекоштина. Освен точките од урбанизмот, советниците под лупа ќе го стават и реализирањето на програмата за туризам и локален економски развој во општина Охрид за изминатава година, а ќе се дискутира и за успешноста на работењето на пооделни одделенија. Ќе се гласа и за предлог одлуките за извештаите од работењето на неколку сектори. Советнички коментари се очекуваат и во поглед на реализацијата на развојните програми на локалната за градежно земјиште, за изградба и реконструкција на локални патишта, јавно осветлување, изградба на системи за одведување и прочистување отпадни води.
Искуствено, како и многупати претходно, пожестока дискусија се очекува околу предлог одлуките кои се однесуваат на успешноста во работењето на охридските јавни претпријатија.
{loadposition content9}