Избран изведувач за урбанистичкиот и основниот проект за затворање и санација на Буково

Избрана е фирма којашто треба да изготви урбанистички проект и основен проект за затворање и понатамошна санација на депонијата Буково. На депонијата, треба да се спроведе истражување за да се направат потребните анализи за изготвување на проектот. Но тоа е одложено поради актуелната состојба на депонијата, која е опожарена од 19 август. Ова беше кажано на денешната 14-та седница на Советот на Општина Охрид.
–Избран е најповолниот понудувач и веќе е започната постапката за изработка на урбанистички проект и почната е фазата и треба да се добијат сега услови за планирање на самиот проект. Во однос на основниот проект требаше минатата недела да се започне со бушење за да се добијат потребните анализи од самата депонија, но заради ситуацијата, следната недела ќе биде тоа извршено, беше посочено од општинските служби.
Во меѓувреме Јавното комунално претпријатие прави напори за стабилизирање на состојбата на депонијата. Директорот Сашо Најдески посочи дека Охридски комуналец уште од 2022 година презема чекори за обезбедување на земја за покривање на жариштата на депонијата бидејќи постојано се соочуваат со настанување на пожари, како што рече, дали подметнати, дали настанати со самозапалување.
„Оваа година рекордно количина на земја имаме однесено заедно со Општина Охрид околу 8.000 метри кубни. Моментално ќе се потпише уште еден договор за носење на уште околу 3 до 4.000 метри кубни земја. Тоа што како Јавно претпријатие го презедовме, Управниот одбор на Јавното претпријатие донесе одлука за сите правни лица коишто имаат ископи или потреба да ја користат депонијата Мауцкер за депонирање на градежен шут и земја, да ја користат депонијата Буково без да плаќаат надоместок за тоа“ – кажа Најдески.
На самиот почеток на денешната седница, советничката Лидија Неданоска побара дополнување на дневниот ред со точка за разгледување на моменталната состојба со депонијата Буково.
„Сведоци сме сите денови поназад, ноќе дури почнавме да се будиме од смрдеата од Буково. Па сметам дека редно е веќе и овде ние како советници сите заедно да поразговараме, да продискутираме сѐ со цел изнаоѓање на побрзо решение како би се дислоцирала депонијата побрзо во што е можно најбрз рок, бидејќи ова навистина веќе не се трпи и е децениски проблем за градот.“ рече Неданоска.
Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, посочи дека на седницата нема присутни претставници од секторите и институциите надлежни за животна средина, инспекторатот и Фондот, поради што предложената точка не може да биде разгледана на денешната седница. Тој, сепак, изрази подготвеност да биде закажана посебна седница на која би се разговарало за состојбата со депонијата, нагласувајќи дека Општина Охрид во континуитет презема активности поврзани со Буково.







