Skip to main content

Урбанизам

Урбанистичките предизвици пред локалната власт

Близу 200 урбанистички планови стојат со години незавршени. Некои од нив започнати пред 20 години, а добар дел во хартиена форма , за кои постапката ќе треба да се повтори. Ова го истакна Градоначалникот Пецаков на последната седница на совет во врска со предизвиците кои се пред локалната власт од сферата на урбанизмот.
 |  Маја Савиќ  | 
Охрид урбанистички предизвици

186 урбанистички плански документации се започнати, а не се завршени, од кои најстариот датира од пред 20 тина години. Ова го обелодени градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков одговарајќи на советничко прашање за состојбата со урбанистички планови кои се во фаза на постапување или се во фаза на поднесени иницијативи.

„Добар дел од урбанистичките планови се во хартиена форма. Разговарајќи со претставниците од Министерството за транспорт и врски , Агенција за просторно планирање, најверојатно тие планови кои се во хартиена форма ќе треба да се почне наново постапка, зошто не може да се вметнат во системот. Охрид пред себе има како град предизвик во однос на урбанистичките планови.“ – кажа Пецаков.

Охрид крајбрежје

Деталните урбанистички планови мора да се усогласуваат со Планот за управување со охридскиот регион, планот за крајбрежјето, планот за Студенчишко блато. Урбанистичките предизвици се дотолку поголеми ако додадеме дека во последниве 2,5 година имаме изработка односно урбанизирање на сите села во Општина Охрид, планови кои се некои на средина, некои при крај, а дел уште не се ни почнати, кажа Пецаков. Посочи дека формирана е нова Комисија за урбанизам бидејќи на дел од членовите на предходната им биле истечени овластувањата. Во новата комисија активни ќе бидат и членовите и замениците надополнети со планери со искуство. Решавање на проблемите од областа на урбанизам за граѓаните е наш врвен приоритет, потенцира градоначалникот.

„Овие урбанистички планови и сето она што е потребно да помине преку таа Комисија ќе се одвива многу побрзо. Би добиле динамика со којашто граѓаните би биле задоволни односно урбанизацијата, а Охрид има насушна потреба од урбанизирање и воспоставување правила. Затоа што години се случувало наназад имаме 186 нерешени уранистички планови, веројатно е дека се стимулирани тие дивоградби години наназад кои дефинитивно не донесоа до некаков загрозен статус.“ – рече Пецаков.

Инаку, Охрид е еден од градовите кој нема ГУП. На последно донесениот ГУП важноста му измина во 2015та година. Проблемите од урбанизмот се решаваат со години парцијално со детални урбанистички плански документации. Неопходно е да се донесе новиот Генерален урбанистички план за да се спречат активности кои негативно влијаат врз природното и културното наследство во Охридскиот регион но и за целокупниот развој на општината.