Skip to main content

(видео) Успешно реализирана вежба за евакуација во ООУ „Григор Прличев“ – Охрид

Денеска во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид се реализира показна вежба со практична примена на оперативните планови за заштита и спасување, како и плановите за евакуација.
 |  Маја Савиќ  | 

Црвен крст Охрид во соработка со надлежните институции продолжува со активности за подигнување на подготвеноста за справување со несреќи и катастрофи. Денеска во ООУ „Григор Прличев“ во Охрид се реализира показна вежба со практична примена на оперативните планови за заштита и спасување, како и плановите за евакуација.

-Во нашето училиште се одржа симулациска вежба за евакуација. Целта на вежбата, која што всушност е и наша законска обврска е да се подигне подготвеноста на учениците и вработените при евентуални вакви или слични ситуации, изјави Лилјана Ефтимовска – директорка на ООУ „Григор Прличев“.

Вежбата се спроведе според претходно утврдено сценарио за настаната несреќа, при што активно беа вклучени тимови од надлежните институции, СВР Охрид, ТППЕ Охрид, Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Центарот за управување со кризи (ЦУК).

-Денес во Григор Прличев прекрасни беа и учениците и наставниците а секако и тимовите кои реагираа. Сето гледаме да биде што пореално, да се сигнализира, да се повика службата 112, оттаму да ги повикаат сите служби кои треба да интервенираат, и секако оние насоки, излези, движење во самото училиште да се испочитуваат, да се извежбаат од страна на учениците и вработените. Ова го направивме во прва смена . Ќе го направиме и во втората смена и ќе продолжиме и со другите училишта, најави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.

За тоа колку вежбата изгледала реално и каква е користа од истата најдобро зборува искуството на учениците кои денеска имаа можност да бидат дел од симулацијата.

Од Црвен крст Охрид информираат дека со ваквите активности за подигнување на свесноста и подготвеноста кај учениците, наставниот кадар и институциите за соодветно постапување во кризни ситуации веќе се опфатени 60% од сите образовни установи во општините Охрид и Дебрца и активностите ќе продолжат во претстојниот период.