Skip to main content

Синдикат

Усогласување на платите бара синдикатот

На работниците им треба едукација за да ги остварат законските права. Во пракса тоа се постигнува само преку здружување, порачаа од охридскиот регионален Синдикален сојуз на Македонија.
 |  Валентина Неловска  | 
сидикат барања

Охридските работници имаат слаб интерес кон синдикалното членување. Во последно време, поголем интерес покажале за синдикално организирање вработените во туристичко-угостителскиот сектор.

Тоа не е случај во останатите гранки, како на пример текстилните погони кои во Охрид ги има во помал број за разлика од големите конфекциски центри во земјава. Работниците се пасивни иако се свесни дека остварувањето на законските права е само во здружувањето. Своите права кои им припаѓаат според Законот за работни односи ќе ги остварат само со поголема едукација, но и со посилно синдикално организирање, порачува Стевчо Маслов, претседател на регионалниот синдикален сојуз.

Кршењето на работничките права се спречува единствено со добар Колективен договор. Апелирам сите вработени од сите гранки каде што нема синдикат да формираат сидникални организации што побрзо. Со здружување во гранките на ССМ да продолжи борбата за да се остварат поголеми работничи права. Права има, но голем дел од работниците не знаат што им следува. Потребна е едукација на членовите – напоменува Маслов.

Сојузот на синдикати на Македонија на одржаниот протест по повод Први мај, Меѓународниот ден на трудот, побара кризата да не падне само на товар на работниците. Маслов напоменува дека иако како синдикалци тежнеат кон зголемување на минималната плата, сепак бараат усогласување на платите со минималната плата според законските нормативи.

Работодавачите да ја усогласат минималната плата според коефициенти од Колективни договори. Како Сојуз на синдикати на Македонија сакавме да покажеме поголема солидарност кон сите вработени. Износот од 2806 денари колку што се крена минималната плата во земјава да биде и покачување и за останатите плати. Да докажеме дека синдикатот е солидарен и минималната плата линеарно да се усогласи од чистач до директор -кажува Маслов.

Во член 8 од Законот за минимална плата, пропишано е законско прилагодување на минималната плата во приватниот и јавниот сектор. Предвидено е во рок од 6 месеци работодавачите да извршат усогласување на минималната плата со останатите плати.