Успешно спроведена симулациска вежба за евакуација и спасување во случај на земјотрес во компанијата Магна
Показна симулациска вежба за евакуација и спасување во случај на земјотрес и пожар беше изведена денеска во компанијата МАГНА во индустриската зона Струга. На звукот на алармот вработените го запреа работниот процес и ги напуштија работните места според Оперативните планови за заштита и спасување и плановите за евакуација. Потоа беше изведена симулација на пожар на кој делуваше ТППЕ Охрид. Против пожарно возило тргна од Охрид во реално време и пристигна на местото. Сценариото вклучуваше и повредени лица и вработени во состојба на шок на кои медицинска и психолошка прва помош им укажаа екипи од Здравствен дом Струга и Црвен крст Охрид. Вежбата ја следеа претставници од Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Територијалните противпожарни единици од Охрид и Струга и СВР Охрид.
Целта на показната вежба е увежбување на примена на Оперативните планови за заштита и спасување и плановите за евакуација и подигнување на степенот на координираност на надлежните служби за навремено, соодветно и ефикасно делување во случај на елементарни непогоди и други несреќи.
„Вежбата е успешна. Се надеваме во идниот период ќе ја продалабочиме соработката и почесто ваки вежби да се организираат. Компанијата Магна е една од поретките кај нас во регионов со оперативни планови на највисоко ниво, поседуваат различни системи дојавувачи на пожари, алармни системи и вежбата се направи баш со таа цел и видовме и практично дека оперативните планови се функционални.“ – изјави Борко Јанкулоски, командир на ТППЕ Охрид.
Превенцијата во дејствувањето при несреќи и катастрофи е најважниот сегмент, мора да бидеме подготвени, да знаеме како треба да се реагира и кој какво задолжение има, потенцира Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.
„Токму затоа ги координираме сите институции, сите субјекти коишто треба да реагираат во вакви ситуации, но и оние вработени коишто се во одредени установи. За среќа еве има општествено одговорни компании коишто се грижат за безбедноста во установата како што е Магна, па нивна иницијатива, односно дадоа дозвола да се направи една ваква симулациска вежба. Тоа треба да го прават почесто сите компании затоа што гледаме што се случува во светот какви се поплави има. Не мора да биде инцидентот во компанијата, може да биде надворешна поплава , земјотрес, а оние коишто се на работните места треба да знаат соодветно да реагираат, заради својата безбедност и се разбира за безбедноста и на екипите коишто дејствуваат. “ – изјави Сашо Точков – Претседател на Црвен Крст Охрид.
Показните вежби даваат можност за ажурирање на оперативните планови на компанијата и другите надлежни служби и утврдување на потреба од дополнување и отстранување на недостатоци заради поефикасна примена на предвидените безбедносни протоколи. Прва забелешка којашто ќе стои во извештајот за денешната вежба, кој ќе се достави до менаџментот на компанијата, е несоодветен и небезбеден пристап на службите коишто доаѓаат од Охрид до ТИРЗ Струга, посочува претседателот на Црвен Крст Охрид.
„Значи ние имаме проблем да се исклучиме од главниот пат за да дојдеме овде. Од кои причини, зошто, се работи на патот, не се работи, тоа нас не не интересира, службите мора ефикасно, навремено да стигнат онаму кадешто се повикани. Тоа овде не се случува. Благодарение на СВР беше затворен сообраќајот на главниот пат за да можат во спротивна насока возилата да стигнат и да дојдат овде на вежбата. Но во реална ситуација тоа не смее да се случува, мора да биде пристапно за сите возила коишто треба да делуваат. Тоа е прва забелешка што ја имаме овде.“ – посочи Точков.
Деновиве стручните тимови на надлежните институции ќе извршат евалуација на показната вежба каде ќе се евидентираат и истакнат добрите страни и евентуалните слабости, со цел надминување на истите.
Од Црвен Крст Охрид упатија јавна благодарност до сите институции инволвирани во вежбата, до менаџментот и вработените во компанијата МАГНА за општествената одговорност и манифестираната присебност и воедно ги охрабруваат сите правни субјекти, сериозно да пристапуваат и да ги применуваат чекорите за превенција и постапките за делување и одговор во случај на несреќи и елементарни непогоди.