Успешна соработка на армискиот ВИНГ и Планинската спасителна служба
Армискиот воздухопловен ВИНГ под команда за операции и Планинската спасителна служба денес организираа отворен ден за граѓаните во кругот на Центарот за обука на вода, во каналот Студенчишта. Целта на ваквата активност пред се е заедничко дружење и презентација на дел од воздухопловите, армиската опрема и опремата за спасување на планина и тешко пристапни терени. Посетителите и најмладите во кругот на Центарот за обука на вода во каналот Студенчишта имаа можност да се запознаат со еден од воздухопловите на армискиот воздухопловен ВИНГ и опремата која ја користат заедно со ПСС.
„Важно е дека правиме спој помеѓу нашиот цивилен сектор, волонтерската служба, специјализирана за спасување на комплексни терени, меѓутоа многу честo се случува пристапот до местотo на несреќата да биде отежнат без воздухоплов. Денес во светот е сосема нормално интервенции за спасување да се одвиваат со воздухоплов. Тоа е она што го вежбаме, вежбаме да работиме усогласено безбедно под исти усогласени правила, кога ќе е нужно да можеме нашите тимови да бидат транспортитани со воздухоплов на армијата и доколку е потребно од некои навистина комплицирани терени да изведеме извлекување на повреден со помош на техничките помагала, винчот, со кој располага хеликоптерот.“ – изјави Антонио Додевски – Раководител на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
Синхронизацијата меѓу армискиот винг и ПСС е воспоставена, а комуникацијата е одлична. Се прави максимална заштеда на ресурси, не се активираат леталата, кога по копнен пат може да се интервенира од страна на тимот на ПСС. Од службата, како цивилен сектор се пофлексибилни, за да ги пружат нивните услуги кога има потреба,но, цивилниот сектор мора да биде ставен во законска рамка да добие овластувања за да може да постапува, вели Антонио Додевски – Раководител на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.
„Искрено во моментов ние имаме доволно ресурси да овозможиме ефикасна служба, соодветно на условите и на приликите во кои живееме, а искрено кажано, реално не даваме толку ефикасен одговор, бидејќи имаме несогалсувања во однос на регулативата. Ние паралелно работиме на усогласување на регулативата. Очекуваме дека во наредните година дена ќе имаме напредок. Најголем проблем е што за ова сега цивилниот сектор нема јавни овластувања. Ја работиме од хумани побуди од наша волја.“ – вели Додевски.
Од Армискиот воздухопловен ВИНГ работат буквално на секакви операции. Заедно со ПСС работат на спасување на отежнати терени каде има потреба и од воздухоплов на армијата, на многу непристапен терен. Отворениот ден се организира со цел промоција на хуманата мисија на армијата и успешната цивилно-воена соработка, која армискиот ВИНГ и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид успешно ја развиваат во изминатите две години, во интерес на ефикасноста и квалитетот на спасителните операции на планина и тешко пристапни терени.