Успешна туристичка сезона
Туристичката сезона која е на изминување од секторот за туризам и локален економски развој ја оценуваат како успешна. Тие се повикуваат на статистичките податоци и податоците за процентот на наплатена туристичка такса. Велат дека уште одсега се подготвуваат за наредната сезона да биде уште подобра.
Успешна туристичка сезона, од ТЛЕР вака ја оценуваат сезоната која е на изминување. Од таму велат дека статистичките податоци и податоците од општинскиот инспекторат кои се однесуваат на наплатата на туристичката такса го потврдуваат тоа. Наплатата на туристичката такса заклучно со месец јуни е зголемена за 29%. Бројот на домашни ноќевања на домашни гости во месец јуни е намален за 2,6%, но затоа пак бројот на ноќевања на странски гости во истиот месец е зголемен за 23,3%. Или вкупно бројот на ноќевања во месец јуни е зголемен за 13,3%. Ѓоко Апостолов, раководителот на ТЛЕР вели дека овој процент ќе бил и поголем доколку биле подобри временските услови во овој месец. Тој е убеден дека процентот на ноќевања во јули и август ќе е многу поголем бидејќи имавме убаво време.
Уште од септември секторот ќе започне интензивно да работи за наредната туристичка сезона, вели Апостолов. За нас не се најважни бројките, за успешен туризам потребно е континуирано работење, додава тој.
Апостолов кажува дека ТЛЕР спровел голем број активности за оваа туристичка сезона која е на изминување да биде успешна. Тука ја спомна акцијата за средување на такси превозот, редовните инспекциски контроли од секторот за туризам и од туристичкиот инспекторат при општина Охрид, а во соработка со пазарната инспекција и СВР, акциите за намалување на бројот на дивите станоиздавачи, издавањето информативни флаери во однос на законските регулативи и за гостите и за станоиздавачите и др. Раководителот на ТЛЕР потенцира дека голем број активности имаат планирано и за наредната година. Заедно со охридските пратеници ќе се обидат да издејствуваат измена во Законот за наплата на туристичка такса бидејќи сегашниот начин е нелогичен. Сега туристичката такса се наплаќа линеарно и за хотелите од висока категорија а и за приватните станоиздавачи. Во иднина, вели Апостолов туристичката такса би требало да се наплаќа според категоризацијата.
Друга работа која е иницирана и треба да се реализира е категоризацијата на приватното сместување, а ќе се боиме и за субвенционирање на приватните станоиздавачи, кажва Апостолов.
Има идеа и за воведување на нови чартер линии, вели Апостолов и додава дека интензивно се размислува, а и се работи за наредната туристичка сезона да биде многу поуспешна.
{loadposition content9}