Skip to main content

Успешно реализирана хуманитарната акција „Помислете и на нас“ на Црвен крст Охрид

Со низа собирни акции и поддршка од општествено одговорни компании, образовни установи и хумани граѓани, Црвен крст Охрид обезбеди помош за социјално ранливите семејства.
 |  инфодеск  | 

Црвен крст Охрид и оваа година се вклучи во одбележувањето на Неделата на борба против гладот (16–22 октомври), во рамки на националната кампања „Помислете и на нас“, со цел поттикнување на солидарноста и хуманоста и обезбедување поддршка за лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна.

Преку собирни акции организирани во детските градинки, основните и средните училишта, како и во маркетите „Тамаро“, беа собрани донации во храна и хигиенски производи. Во акцијата се вклучија и повеќе општествено одговорни компании и организации, давајќи значаен придонес за нејзината успешна реализација.

Од Црвен крст Охрид упатуваат посебна благодарност до „Жито Леб“ за донацијата на леб, Лајонс клуб „Деница“, НЛБ Тутунска банка за донираните пакети со прехранбени производи и Комерцијална банка за донацијата на облека. Благодарност упатуваат и до сите градинки, училишта, маркети и хумани граѓани кои ја поддржаа акцијата.

Собраните донации беа искористени за подготовка на хуманитарни пакети наменети за социјално ранливите категории граѓани, а нивната дистрибуција продолжи и во текот на ноември.

Посебна благодарност беше упатена и до вработените во Црвен крст Охрид и волонтерите на Клубот на млади, кои со својот ангажман и посветеност придонесоа за реализација на хуманитарната акција.

Од Црвен крст Охрид порачуваат дека хуманоста не треба да биде ограничена само на една недела, туку да се практикува секојдневно, преку солидарноста, грижата и поддршката за оние на кои им е потребна помош.