Skip to main content

Планинска спасителна служба Охрид и СВР Битола – ОВР Ресен

Успешно завршена потрага по тројца американци кои се загубиле на Галичица

Откако биле пронајдени, на тројцата туристи им бил направен лекарски преглед и во добра состојба заминале во местото каде се сместени во Охрид.
 |  инфодеск  | 
Галичица

Вчера се одвивала двочасовна потрага по туристи на Галичица во која учествувале полицајци од Ресен заедно со екипи од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Во 15.42 часот во СВР Битола, 33 годишна државјанка на САД пријавила дека таа, нејзиниот сопруг и нејзиниот брат, се изгубиле во Националниот парк Галичица. Според пријавеното, тие тргнале да планинарат кон врвот Галичица, при што се разделиле и по кратко време се изгубиле.

„Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Битола – ОВР Ресен, во содејство со спасувачката служба на Црвен крст од Охрид извршија пребарување на теренот, при што во 17.30 часот биле пронајдени, а подоцна биле спуштени на патеката што води кон село Лескоец, каде што биле прифатени и со возило од Националниот парк Галичица биле транспортирани до асфалтниот пат Царина-Трпејца.“ – информираа од МВР.

Притоа, тие биле прегледани од екипа на Итната медицинска помош Ресен и било констатирано дека се во добра здравствена состојба, по што заминале во сместувачкиот објект во Охрид.