Уставен суд денеска ќе одлучува за оспорени решенија од РКЕ за Водовод и Нискоградба Охрид
Уставниот суд денеска треба да ја одржи 20. седница, а на дневен ред се три иницијативи за оценување на уставност и предлог за одлучување по еден предмет.
Уставните судии ќе ги разгледуваат иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Указот за прогласување на Законот за јавното обвинителство, на Законот за јавното обвинителство и на член од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани за справување со енергетската криза.
Ќе се расправа и за оспрени решенија донесени од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги за опраторите ЈП Водовод-Охрид и ЈП Нискоградба Охрид-Охрид.
Подносител е Државен комунален инспекторат според кој во двете решенија присутни се ставки за фиксни месечни надоместоци, односно за ЈП Нискоградба Охрид во износ од 57,12 денари по приклучок за 2021, 62,46 денари по приклучок за 2022 година, и 66,92 денари по приклучок за 2023 година и за ЈП Водовод Охрид во износ од 100 денари за категорија домаќинства и 120 денари за категорија останати(2021-2023) со напомена дека висината на сите тарифи се без ДДВ. Подносителот во иницијативата наведува дека со примената на предметните тарифи јавено е големо незадоволство и револт од страна на граѓаните корисници на услугите на двете претпријатија. Според подносителот решенијата се во спротивност со член 8 став 2, член 55 став 1 и 3 и член 55 од Уставот.
На седницата треба да се одлучува за оспорена одредба на член од Законот за градење.