Skip to main content

Општина Дебрца

Усвоен буџетот на Општина Дебрца

Обезбедени се средства за повеќе капитални инвестиици. Се планира рехабилитација на локални патни правци и улици, но и изградба на фекална и водоводна мрежа во неколку селски населби.
 |  Валентина Неловска  | 
Дебрца

Буџетот на општина Дебрца е усвоен. Проектиран е на 113 милиони денари за претстојната 2023 година. Дел од средствата се од сопствен прилив, а дел од државата и заеми од Светска банка. Основната цел на проектираниот буџет е максимално кратење на непродуктивните трошоци и реализација на проекти неопходни за подобрување на животните услови на жителите од општината, вели градоначалникот Зоран Ногачески. Посочува дека во буџет се обезбедени средства за реализација на повеќе капитални инвестиции за проекти од инфраструктурата, културата, спортот, животната средина.

„Имаме апликации за изградба на две улици во селото Волино. Во фаза е одобрение од Светска банка и дополнително ќе се одредат уште два проекти. Заради експропријација на земјиштето е запрен проектот за изградба на патниот правец Белчишта- Злести, но се изготвува нова проектна документација за да се реализира и тој патен правец“, информира Ногачески.

Дебрца

Во капиталните инвестиции се планирани и проекти за подобрување на водоводната мрежа во селските средини, но изградба и на фекална канализација. Планирано е изградба на водоводна мрежа и канализација во селото Требеништа. Во селото Лешани ќе се решава проблемот со фекалната канализација, набројува градоначалникот за дел од проктите кои ќе следуваат во 2023 година.

„Воглавно е подобрена состојбата со водоводната мрежа, но планирано е да се подобри водоснабдувањето во селата од Долна Дебрца, од поранешната мешеишка општина. Се планира уште еден зафат на водите од изворот Кременатец за снабдување со вода за пиење на селата Лешани и Грко Поле“, вели Ногачески.

Во сферата на образованието се планира поставување на централно греење во две основни училишта, реконструкција на админстративната зграда во Белчишта и поправка на задружниот дом во село Годивје и училишната зграда во село Песочан.