Усвоен планот за управување со Вевчанските извори
Со тоа општина Вевчани добива можност за развивање на еколошкиот и руралниот туризам. Проектот е финансиран од ЕУ, а спроведен од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. На презентацијата на проектот „ Подобрување на управувањето со заштитените подрачја“денес во Вевчани беше присутен и евроамбасадорт Самуел Жбогар.
Во Вевчани официјално е усвоен планот за управување со Вевчанските извори кои имаат статус споменик на природата. Проектот „ Подобрување на управувањето со заштитените подрачја “ е финансиран од ЕУ, а спроведен од УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање. Подготовката на проектот трае повеќе од година со буџет од над 65 илјади евра. Во овој период ажуриран е планот за управување што ќе и помогне на општина Вевчани одржливо да управува со заштитеното подрачје, подвлече Сашо Јанкоски градоначалник на Вевчани.
„Тоа е голем бенефит за општината. Со тоа Вевчани добива можност да развива еколошки и рурален туризам. Да се грижи за заштита на животната средина “, информира Сашо Јанкоски градоначалник на Вевчани.
На презентацијата на проектот, денес, во Вевчани беше присутен и евроамбасадорот Самуел Жбогар. Тој упати честитки до општината за усвојување на планот за управуавње со природното богатсво. За ЕУ заштитата на животната средина е главен приоритет и во таа насока поддржуваме еко кампањи, истакна при тоа Жбогар.
„ Но не се само кампањите туку и инвестираме во заштитата на животната средина. Затоа сум тука како претставниците од една мала општина може да бидат лидери како да се живее во хармонија со природата“, кажа Жбогар.
На презентацијата на проектот покрај Жбогар, беа и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за локална самоуправа Горан Милески и Нарине Сахакјан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации.
„ Она што сакаме да го направиме со овој проект финсиран од ЕУ и Министерството за животна средина е да покажеме дека природата може да се заштити и да се има економска полза од активностите поврзани со тоа“, порача Сахакјан.
Со Планот е утврден е биопотенцијалот на растенија и шумски производи што ќе се користат а за кои ќе се утврди квота за собирање, формирана е ренџерска служба за мониторинг на природните живеалишта. Основан е туристички инфо центар во Вевчани за промовирање на природните вредности на заштитеното подрачје, изготвени се веб страница и видео материјал кои ќе помогнат во промовирање на заштитеното подрачје.