Skip to main content

Локална самоуправа

Усвоен ребалансот на Буџетот за 2022 година

Опозицијата упaти забелешки дека се кратат средствата за капитални инвестиции. Власта пак, смета дека со ребалaнсот се постигнува подобар живот на охриѓани.
 |  Валентина Неловска  | 
совет

Охридските советници го усвоија ребалансот на буџет за 2022 година на општина Охрид. Опозицијата пофали некои реализирани програми, но искритикува повеќе кои претрпеа измени со ребалансот на буџетот. Дадоа поддршка на Програмите во основното и средното образование, во детската заштита, социјалната и здравствената заштита. Во забелешките пак, најголема критика упатија на програмата за култура. Се одстранува проект за реконструкција на Домовите за култура, во Радојца Новичиќ и Горно Лакочереј, а во глобална економска криза за луксуз се доделуваат 20. 000 евра за фестивал „Вино и музика“, кој не ја одсликува традицијата на Охрид, рече Живка Ангеловска, координатор на советничката група на СДСМ и коалцијата. Советничката го посочи и кратењето на средства во Програмата за уредување на градежно земјиште каде се намалуваат капиталните инвестиции за износ од над 25 милиони денари.

Се намалуваат и предвидените 1 милион денари за урбанистички проекти. Новата Локална власт најавуваше повеќе урбанистички планови. Формира Комисија од внатрешни и надворешни членови. За прв пат беа дадени големи суми надоместок за членовите на комисијата. За очекување е да има поголем бенефит во оваа програма, да го зголемува буџетот на општината, а не да се намалуваат за еден милион денари, рече Ангелоска.

За власта пак, ребалансот на Буџетот за 2022 година значи постигнување повисок квалитет на јавните услуги, економскиот развој и подобрување на животниот стандард на охриѓани. Перчо Божиноски, кородинаторот на советничката група на Вмро Дпмне и коалицијата, кажа дека Локалната самоуправа покажала дека успешно се справува со проблемите и потребите на граѓаните.

Со ребалансот се зголемија средства за одржување и заштита на локални патишта и улици, регулирање на сообраќајниот режим и сигнализација, изградба на водоснабдителни системи и системи за одведување и прочистување на отпадни води, културни манифестации и творештво, капитални расходи за образованието, спорт и рекреација, унапредување на здравствената заштита“, посочи Божиноски.

Со ребалансот се обезбедуваат средства со цел да се подобрат условите за живеење во Охрид, напомена Божиноски. Наведе проекти со кои со ребалансот на буџетот ќе се реализираат програми за градење пречистителна станица во Трпејца, водоводна линија во Лескоец и пумпна станица во Шипокно.
Меѓу другите предлог одлуки советниците ги усвоија Предлог-одлуката за усвојување на програмата за работа на Советот за заштита на потрошувачите и Предлог-одлуката за отстапување на користење паркинг простор од општина Охрид на ЈП „Билјанини извори“ .