Skip to main content

Усвоен Ребалансот на Буџетот на општина Охрид

 21  милион денари кратење на  непродуктивни трошоци. Опозицијата обвинува дека со ребалансот се крати во сферата на туризмот.  Градоначалникот ги отфрла обвинувањата и напоменува дека со ребалансот нема откажување од капиталните инвестиции.

 |  Валентина Неловска  | 

Со 13 гласови за и 7 против градските советници го донесоа Ребалансот на Буџетот на Општина Охрид тежок околу 21 милион денари  кратење на непродуктивни трошоци. За советниците од опозицијата со ребалансот се крати од туризмот, образование, спорт , култура , ПП заштита. Несфатливо е за Охрид кој живее од туризам наместо помош за туризмот и локалниот економски развој да се кратат средствата за ТЛЕР во вкупен износ од 6.580.000 денари, кажа советничката од ВМРО ДПМНЕ, Лидија Петкоска.


„Со овај ребаланс ги уништувате туристичките работници, станоиздавачи, хотелиери, туристичките агенции и водичи , кајчарите, сите оние кои и онака беа покосени од оваа пандемија. Се одложуваат еден куп проекти и манифестации во програмата за ТЛЕР, тоа е можеби природно, но не е човечно само да се скратат средствата без притоа да се осмислат поинакви, прилагодени начини за искористување или пренамена.“

Единствено имуни се партиските вработувања, за асфалтирање и осветлување улички пред избори, обвини советникот Кирил Пецаков од ВМРО ДПМНЕ.

За жал градскиот татко не се откажа од 17.800.000 денари за партиски вработувања, наместо да ги пренамени тие средства за помош на граѓаните и справување со економската криза. Наместо градски татко, Георгиески не се откажа од патните и дневни расходи од 540.000 денари и да помогне во борба со коронавирусот и поддршка на стопанството. Георгиески се откажа од 2 плати, но не се откажува од јадење и пиење и службени патувања. 2.340.000 денари ќе потроши нашиот градоначалник за патни трошоци и репрезентации додека градот пропаѓа и охриѓани се борат за здравје, за задржување на своите работни места и се чудат како да врзат крај со крај“.

Што се однесува до кратењето на 6,5 мил денари од ТЛЕР дури половина 3,5 мил се од еден пилот проект субвенционирање на транспортот за вработени и тоа ќе го оставиме за понатака и кратиме средства за физибилити студија за аква парк и слични активности. За привремените вработувања тие се планирани меѓутоа не се реализирани, им одговори на советниците од ВМРО ДПМНЕ, градоначалникот Константин Георгиески.

„6,5 мил ден од средствата за привремени вработувања се за воспитувачи и негователки во градинка, дел се за Дневниот центар за лица со попреченост Зраци, дел се за чувари во училиштата каде имаме голем проблем со уништување на прозори и инвентар. Повеќе не дискутирам за тие привремени вработувања. И да ви кажам дека утре ќе го распишам тендерот за привремени вработувања кој досега не го имав распишано“.

Градоначалникот Георгиески им порача на советниците Петкоска и Пецаков со негласање за ребалансот не гласаат за капитални инвестиции.

Нема да изгласате 6 милиони ден за реконструкција на Абас Емин, 9 200 000 продолжување на реконструкција во комплекс касарна , нема да гласате дополнителни 3 мил денари за отстранување дивоградби а толку многу се залагате за заштита на Охрид и исполнување на препораките на УНЕСКО, нема да гласате за набавка и поставување подземни контенјери, и ред други инвестиции кои покрај кризата ние успеавме со дополнителна алокација на средства во буџетот да обезбедиме дополнителни 27 мил денари за капитални инвестиции и покрај 20 милиони денари кои ги скративме од непродуктивни расходи како резултат на кризата“.

Советниците покрај оваа точка усвоија и повеќе одлуки кои се однесуваат од областа на секторот за урбанизам, работата на јавните претпријатија, а се усвоија и предлог одлуки за спроведување мерки за субвенционирање на трошоци за комунални услуги и измени и дополнување на годишната програма за поставување на урбана опрема во општина Охрид.