Усвоена програмата за зимско одржување на улици и патишта
За проодни сообраќајници во општина Охрид се задолжени Секторот за комунални дејности, СВР Охрид, ЈП Охридски Комуналец и Македонија пат секција Охрид. Според потребите дополнително ќе биде ангажирана фирма со механизација за расчистување на снежните наноси во зимскиот период.
Донесена е оперативна програма за организирано зимското одржување на улиците и патишта во општина Охрид. Улиците и патиштата ќе бидат поделени во 4 групи за одржување од снежни наноси. Службите ќе делуваат во координација со Комуналниот фонд, Јавните претпријатија и СВР Охрид, информира општинскиот портпарол.
„Одржувањето со механизација ќе е на ЈП Охридски Комуналец. Доколку има потреба ќе бидат ангажирани возила и механизација од другите ЈП. Имаме склучено договор со фирма која ќе работи на расчистување на канали, свлечишта и одрони во зимски услови и ако има потреба ќе биде ангажирана и таа фирма“.
Програмата ќе биде спроведувана заедно со СВР Охрид ако настапат отежнети временски услови за сообраќај. Исто така, ќе се побара соработка од граѓаните да не ги оставаат возилата на коловозот за службите непречено да работат со специјални возила за чистење од снежните наноси, вели Џамтоски.
„Ова програма предвидува кај улиците кои не можат да се чистат со специјални возила, како што се улиците во стариот дел од градот и другите тесни улици, тие рачно да се расчистуваат од снег, а ќе бидат употребувани и други материјали како што се сол и песок за голомразица“.
За реализација на програмата за овогодишното зимско одржување на улиците и патиштата во Охрид и околината во буџетот се предвидени 2 милиони денари. Средствата вклучуваат расчистувања на сообраќајниците од снежни наноси и набавка на сол и песок.