Усвоени предлог одлуките за извештаите за првиот квартал од годинава
Советниците денес имаа обемен дневен ред. Усвојуваа предлог одлуки за изештаите за реализација на развојните програми за тримесечениот период од повеќе области. Опозицијата имаше забелешки за потрфлување во реализацијата на проекти од комуналната сфера. Од позицијата пак, одговорија дека тоа се должело на празниот буџет на општинатa.
9-тата седница на Советот на општина Охрид започна со едноминутно молчење за трагично починатиот директор на ОУ „Живко Чинго“. На дневен ред советниците имаа дури 75 точки – се усвојуваа предлог одлуки на извештаите за реализација на програмите за работата на Советот на општината, од областите за образование, детска заштита, култура, Локален економски развој, спорт и рекреација, заштита на животната средина, комунални услуги, јавна чистота, изградба и реконструкција на патиштата, јавното осветлување и други. Советниците од опозицијата во градскиот совет упатија забелешка во однос на одредени извештаи од областа на комуналната инфраструктура.
„ За нас ќе е несериозно, иако бројките се вистинити, да се изјасниме со „за“ за извештаите кои илустрираат дека во првите три месеци, дали врнело, имало или немало проекти или во која фаза се тендерите и постапките. Фактот дека има нула завршена работа не може ништо да промени“, рече советничката Гордана Коњаноска.
Константин Георгиески, координатор на советничката група на СДСМ, напомена дека тоа се должи на целосно испразнетиот буџет по презмањето на власта во ноември. Следствено на тоа се работеше на процедури за распишување на тендери и тендерски постапки и документации, истакна Георгиески.
„Целкупното остварување на буџетот е за 17,4 посто повисок од истиот квартал во споредба со 2017 година и се должи на сервисирање на досегашните обврски од претходниот квартал и затоа остварувањето на програмите е на ниско ниво. Овие три месеци ги поминавме во подготвителни акти на подготовка на тендерите и по Велигденските празници почна санирање на ударните дупки како прв проект од најмал обем“, истакна Георгиески.
Советниците од двата блока во Советот се согласија дека е недозволиво да нема претставник од секторот образование при разгледувањето на извештаите за реализација на развојните програми на општината во таа област. За во иднина беше ветено дека ќе се надмине тој пропуст. Денес од овој сектор немаше претставник да одговори на прашањето од каде се парите за инвестирање во некои зафати во неколку основни училишта и дали тие биле приоритетни.