Утре црковно народен собир во црквата Св. маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија
По повод празникот Свети маченички Вера, Надеж, Љубов и мајка им Софија, православните христијани на 30-ти септември традиционално ја посетуваат малата црква посветена на светителките во населба Лагадин.
Познатиот охридски угостител Љупчо Патчев го изгради параклисот по повод 2000 години од христијанството. Секоја година на овој празник верниците доаѓаат да се помолат , се отпејува проскура и пченица, а се служи и ручек. Ктиторот на црквата Патчев традиционално собраните средства ги наменува во хуманитарни цели.
На 30 септември, црквата го празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Била вдовица која живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов. Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа била заслужна за воспитувањето на ќерките, а страдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.