Утре доаѓаат првите гости во хотел Даљан, а свлечиштето сеуште не е комплетно санирано
Првите гости во хотел Даљан и Извиднички центар Охрид пристигнуваат утре. Секако дека домаќините на угостителските капацитети се подготвени да ги дочекаат, но нивните барања и апели да се подобри патната инфраструктура и целосно да се санира свлечиштето на реката Даљан, на овој потег на влезот од Струга, засега не вродија со плод.
Сликата кај опасното свлечиште пред платото на хотел Даљан и Извидничкиот центар во Охрид, е малку променета со првичните активности кои ги презедоа стручните екипи од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици. Но по се изгледа тоа е недоволно имајќи го во предвид фактот дека првите гости веќе тропаат на врата. Како што веќе информиравме реката Даљан сериозно го поткопува овој потег, ја нагризува асфалтираната површина создавјќи брза ерозија, пукнатини и поткопување на горниот слој од површината, и претстои опасност од лизгање на патот и сериозни проблеми по безбедноста на возилата и луѓето кои се движат кон хотелот „Далјан“.
„Утре хотелот Даљан и Извиднички центар Охрид ги очекуваат првите гости. Досега на местото каде што се наоѓа опасното свлечиште кое го нагризува патот, надлежните презеле активности само за поставување на насип од камења“.
Камењата кои најверојатно треба да послужат за санација на ова критично место сеуште стојат на средина на патот, а дополнително несовесните граѓани ова место го искористуваат за одлагање на градежен шут. Од Секторот за комунални дејности, портпаролот Љубчо Танески информира дека пред повеќе од еден месец бил формиран камен насип на свлечиштето со првенствена намера да се спречи ширењето на истото и да се заштити трупот на локалниот пристапен пат што води до комерцијалните објекти на овој потег од градот. Во врска со активностите кои што треба да следат од Секторот за кумунални дејности, сообраќај и улици велат:
„Со намалувањето на водостојот на реката и откако ќе заврши надоаѓањето на планинските води коишто се вливаат во реката ќе бидат преземени градежни зафати за комплетна санација на ова свлечиште. Надлежните служби на секторот за комунални дејности при Општина Охрид континуирано го следат санираното свлечиште на овој потег и даваат извештај до раководните структури.“
Сепак до почетокот на летната сезона ќе се создадат услови за работа така што проблемот ќе биде трајно решен, убедуваат од Секторот.