Утре е меѓународниот ден на мајката
14ти Мај, ден на сите мајки во светот. Овој датум е одреден како ден на мајката, а Женскиот центар Бисера секоја година го одбележува со пригодна манифестација. Оваа година домаќин на овој хепенинг беше ОУ Св. „Климент Охридски“.
Утре е меѓународниот ден на мајката. Овој ден нема исто значење со 8ми Март, денот на жената. Денот на мајката е посветен на сите мајки во светот со цел да се истакне нивната улога во семејството, при подигнувањето на децата и како една од основните клетки на општеството, но и како важен дел од општествените процеси која придонесува за прогрес во истите. Женскиот центар „Бисера“ веќе петнаесеттина години го одбележува овој ден.
Инаку овој ден ЖЦ „Бисера“ како манифестација го одбележува на ниво на општина Охрид и досега имавме голема поддршка од сите локални самоуправи и оваа година општината не поддржа, но главен спонзор е нашиот центар кој ги доделува наградите на добитниците кои победија на конкурсот кој беше распишан по повод денот на мајката, вели Нада Мартиноска- ЖЦ „Бисера“.
Во договор со сите основни училишта во градов секоја година се организира еден хепенинг посветен на мајката каде се пеат песни, се рецитираат стихови и се изведуваат драмски текстови посветени на мајката. Оваа година домаќини беа ОУ Св. „Климент Охридски“. Учениците навистина се потрудија на свој начин да им се заблагодарат на своите мајки и на мајките во цел свет. По повод овој меѓународен ден ЖЦ Бисера неодамна распиша и конкурс на тема мајка на кој можеа да се пријават сите оние кои имаат цртеж или творба на оваа тема.
Со тоа успеавме од почетокот кога започнавме да ги мотивираме учениците да творат на тема мајка. Имаме навистина премногу добри и ликовни и литературни творби и се надевам дека во догледно време или Локалната или некој друг ќе ни излезе во пресрет и со сите тие литературни творби ќе можеме да издадеме една стихозбирка, а со ликовните да направиме една изложба, вели Мартиноска.
Од „Бисера“, но и учениците им го честитаат празникот на мајките и им посакуваат добро здравје, среќа и реализираност на секое поле.