Skip to main content

Св Климент во колективната меморија на Охрид

Утре градската библиотека симболично го отвора депото за редок библиотечен фонд

Симболично со видео приказ ќе биде отворено новото депо а ќе биде промовиран и  каталогот за дел од реставрираните книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид .
 |  инфодеск  | 

Утре, четврток, од 12 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид со пригодна свеченост  со наслов: „Св Климент во колективната меморија на Охрид “ ќе биде одбележан 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски – Патронот на градот.

Оваа 2023 година со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура на Република Северна Македонија , Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и создавање услови за Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување.

„Симболично со видео приказ ќе биде отворено новото депо а ќе биде промовиран и  каталогот за дел од реставрираните книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид . За првпат во Каталогот се објавени  конкретни факти за богатиот трезор од ретки книги во Библиотеката од кои најстарата ПРОХОР-ПЧИЊСКО ИЗБОРНО ЕВАНГЕЛИЕ датира од последната четвртина на 16 век. Таа е сопственост на Библиотеката од Охрид, но се чува во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје.“ – информираат од НУ Библиотека „Григор Прличев“.

Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал  или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени 65 книги.

„За првпат светлината на денот јавно во пишан документ во овој каталог по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите  научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јанески, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.Библиотеката  го поседува и фототипното издание на „Бели мугри“ од Рацин издадено 1939 година.“ – посочуваат од библиотеката.

На истиот настан ќе следи и  презентација на Проект за изградба на пристапна рампа во НУ Библиотека „Григор Прличев“  од младите охридски архитекти здружени  во Колектив АРХРИД.

Ќе бидат доделени и  награди на учениците од  основните училишта за најдобрите поетско – прозни творби од распишаниот конкурс по повод Месецот на книгата на тема: „Среќа“

По повод 8 Декември – Денот на Св. Климент Охридски и патрониот празник до крајот на декември бесплатно ќе бидат зачленети 70 ученици од петто одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид.