Утре напладне матурантите ќе го заиграат Квадрилот

Утре точно напладне на градскиот плоштад во Охрид ќе се одржи Матурска парада 2024.
На традиционалниот настан ќе учествуваат над 300 матуранти од сите охридски средни училишта и ќе го изведат танцот „Квадрил” од Штраусовата опера „Лилјакот”.
Охридските матуранти ќе танцуваат истовремено со врсници од неколку македонски и градови во Европа.
Последните неколку години, составен дел на подготовките и на самата завршна манифестација е и „заклетвата за ненасилство“ прочитана од страна на учесниците во сите градови во земјите во кои се одржува настанот.
За подготовките и годинава се погрижи професорката Катерина Стојаноска. Инаку, парадата на матурантите започна во далечната 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка” во Љубљана.




