Skip to main content

Бугарски клуб во охрид

Утре се решава судбината на Цар Борис Трети

Министерот Лога најави дека комисијата утре ќе има седница на која што ќе треба да одлучи по прашањето за името „Цар Борис III“, што го носи клубот од Охрид.
 |  инфодеск  | 
Цар Борис

Основачите на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ сѐ уште не дале предлог за ново име на клубот откако се согласиле со одредбите од новите законски решенија за називите на организациите и граѓанските здруженија. Како што најави денеска министерот за правда Кренар Лога, за утре е закажана седница на Комисијата за употреба на имињата која треба да одлучи дали името на ова здружение е согласно македонското законодавство.

Претставници на клубот „Цар Борис III“ од Централниот регистар побарале дополнителни објаснувања што ја оддолжи постапката за решавање дали овој клуб во иднина ќе постои.

Лога најави дека комисијата утре ќе има седница на која што ќе треба да одлучи по прашањето за името „Цар Борис III“, што го носи клубот од Охрид.

Од Централен регистар е пуштено барање за усогласување на името со законските измени за имињата на невладините здруженија и клубови. И верувам дека Комисијата за употреба на имињата ќе заседава утре и ќе донесе мислење за името на охридското здружение. Откако ставот ќе стигне во министерството за правда, тогаш ќе донесам соодветно решение, согласно законот. Процедурата е иста како минатиот пат – изјави Лога.

Претходно министерот Лога потпиша решение за забрана за дејстување на „Ванчо Михајлов“ од Битола, кој и официјално е веќе забранет.

За утре е закажана седница на Комисијата за употреба на имињата на која треба да се даде мислење за името на бугарскиот клуб во Охрид. Централниот регистар не добил дополнителни документи со кои би се усогласил со новите одредби и во Законот за здруженијата и фондациите, со кој се забрани во називите да се користат имиња, презимиња или прекари на лица кои биле соработници на фашизмот, нацизмот, Третиот рајх…

Рокот за усогласување со законот истече на 16 февруари.