Утре советниците ќе одлучуваат Домот на културата во „Кошишта“ да го носи името на почитуваниот охридски културен и просветен работник Методија Бараковски-Менде
Градоначалникот на Општина Охрид информира дека со цел да се оддаде достојна почит и вечен спомен на почитуваниот охридски културен и просветен работник Методија Бараковски-Менде на негова лична иницијатива до Советот на Општина Охрид поднесена е Предлог одлука за Домот на културата во Урбана заедница „Кошишта“ да го носи неговото име.
Предлог одлуката за новиот назив на културниот објект кој е во сопственост на Општина Охрид е доставена како дополнување на дневниот ред на 52 рата седница на Советот на Општина Охрид, која ќе се одржи утре и ги повика советниците да гласаат за усвојување на оваа точка.
Познатиот професор по виолина Методија Бараковски – Менде и долгогодишен раководител на КУД „Ѓердан“ и хорот „Распеано ѓерданче“, почина минатата седмица во 82-та година од животот. Бараковски беше еден од најистакнатите дејци од културниот и музичкиот живот во Охрид кој целиот свој работен век го посвети на најмладите таленти во Охрид.
-Охриѓани секогаш ќе се сеќаваат и ќе го почитуваат неговиот придонес во зачувување на македонската традиција и културните вредности, вели Пецаков во својата објава.