Утре свечено ќе биде отворена обновената „Прличева одаја“

Утре, 18 јули, од 11 часот на пригодна свеченост во НУ Библиотека „Григор Прличев“ по неколку месечна адаптација ќе биде симболично отворена обновената „Прличева одаја“.
-Обновениот мултифункционален простор како и досега и во иднина ќе биде место за промоции на книги и други настани сврзани со културата, но и секојдневието на граѓаните. Во него умешно е вграден и континуитетот на Библиотеката од изработената реплика на најстариот ракопис сопственост на установата Пчињското евангелие од крајот на XVI век, преку дел од оставината на Прличев, портретите на сите 17 досегашни директори на Библиотеката од 1945 година до денес, како и фотографии од старите објекти во кои функционираше Библиотеката и фотографии од Охрид кои будат посебна носталгија, се вели во соопштението од Установата.
Обновата на одајата и останатиот зафат финансиски беа покриени преку проекти финансирани од Министерството за култура и туризам и Општина Охрид.
На свеченоста ќе се обратат директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар, автор на каталогот за „Пчињското евангелие“ и носител на проектот за изработка на видео материјалот.







