Skip to main content

34-то издание

Утре започнува Поетска ноќ во Велестово

Со поетски портрет на Лидија Димковска и изложба на академскиот сликар Никола Пијанманов, утревечер започнува 34-тата Поетска ноќ во Велестово. Тридневната програма содржи поетски читања, работилница со млади поети и две дебати.
 |  инфодеск  | 
Поетска ноќ во Велестово

Утре започнува 34-тото издание на „Поетска ноќ во Велестово“. Манифестацијата влезе во една сериозна зрелост, а со тоа доаѓа и искачување со што „Поетска ноќ во Велестово“ го добива приматот на една од најзначајните манифестации во Македонија.

Поетска ноќ во Велестово

Уште на почетоците се наметна со една оригиналност, од претставување на еден македонски поет и еден сликар низ 3 децении прерасна во еден вид антологија на македонската поезија и сликарство, истакна денеска на прес конференција Славе Ѓорѓо Димоски.

Манифестацијата има двојна улога, едната е да си го заштитиме македонскиот јазик, а другата е преку интернационалниот карактер на манифестацијата и гости од надвор ние тој јазик да го пренесуваме и надвор од нашите граници затоа што знаеме какви црни облаци ни се спуштаат. Со убавиот збор, со поезијата која претставува есенција на еден јазик, ќе се одбрани и ќе се оди напред – вели Ѓорѓо Димоски.

Поетска ноќ во Велестово

Тридневната програма ќе започне утревечер, по традиција со поетски портрет и ликовна изложба која ќе биде поставена во тремот на црквата Успение на Пресвета Богородица во село Велестово.

Годинава ја имаме Лидија Димковска, македонска поетеса, прозаистка, преведувачка, добитничка на  бројни награди за проза и поезија, минатогодишна добитничка на наградата Браќа Миладиновци што ја доделуваат СВП. Исто така, традиционално имаме една ликовна изложба. Годинава имаме изложба на академскиот сликар Никола Пијанманов од Струмица – кажа Јулијана Величковска, програмски директор.

Јулијана Величковска

Во сабота во Касарна Хаб, со почеток од 11 часот, ќе се реализира работилница за млади поети од регионот насловена „Охрид поетски викенд“ на која ќе се претстават поетите Селахатин Јулгиден од Турција, Валентина Бахтијаревиќ од Србија, Мањола Наси од Албанија, Диме Данов и Јулијана Величковска од Македонија.

Работилница посветена на учениците од охридската гимназија Св. Климент Охридски на која овие наши гости поети коишто не се само исклучиво поети туку некои од нив се универзитетски професори, некои се фотографи, филмски работници, актери итн, на младите ќе им го претстават и пренесат своето знаење и умеење како креативно да пишуваат поезија, но и како иновативно да интерпретираат поезија – вели Величковска.

Вечерта со почеток од 18 часот ќе се одржи поетско читање во кафе бар Шила во Охрид.

Поетска ноќ во Велестово

На годинешната манифестација учество ќе земат и поетите Ким Симонсен од Фарските острови, професор на Универзитетот во Амстердам,  македонската поетеса Ана Голејшка Џикова, Алеш Мустар од Словинја и Зоран Јакимоски од Охрид. 

Програмата ќе биде заокружена во недела со интернационално поетско читање  во природа во село Велестово насловено „Поезија залез“. Предвидени се и две дебати   на тема  „Улогата на пејзажот во книжевноста“  со цел подигање на еколошката свест и „Улогата и важноста на книжевните преводи“.

Поетска ноќ во Велестово