Skip to main content

Утре започнува реконструкцијата на плоштадот Крушевска Република

За изградба на катната гаража, тендерската постапка ќе биде повторена на крај на месецов или почеток на декември, бидејќи на првиот повик ниту еден од понудувачите не ги исполнувал критериумите. Ова беше кажано на денешната трета седница на Советот на Општина Охрид на која беше изгласан ребаланс на буџетот.
 |  Маја Савиќ  | 

Утре ќе започнат градежните зафати за реконструкција на плоштадот Крушевска република, обелодени на денешната седница на Совет секретарот на Општина Охрид, Александар Китески. Овој капитален проект се финансира од сопствени средства на Општината. Што се однесува до катната гаража, со кој проект локалната аплицираше на вториот повик од владата за инфраструктурни проекти во општините, секретарот кажа дека на распишаниот тендер не бил избран изведувач. Од двата пријавени понудивачи ниту еден не ги исполнувал заострените тендерски критериуми.

Постапката за катната гаража ќе биде поништена и до крајот на ноември, почеток на декември ќе биде објавена нова постапка за избор на изведувач. Очекуваме некаде до крај на јануари да заврши повторената постапка за избор на изведувач, – кажа Китески.

За проектите кои треба да се реализираат со средства од владата се дискутираше на денешната седница на совет на која на дневен ред беше ребаланс на буџетот. Советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костоски побара објаснување зошто за овие проекти во предлог измените на програмите со ребалансот се предвидуваат само 20% од средствата потребни за реализација .

Што е забележливо кај овие проекти? Гледам дека не може да се реализираат и не се реализираат оваа година и сега се предвидуваат само по 20% од средствата колку тие да не пропаднат , или не е така , ќе ни објасните. Или станува збор за некое авансно плаќање. Зошто само 20% и зошто поголем дел од овие не се реализрани?, праша Костоски.

Тони Иваноски од Сектор за комунални дејности посочи дека за 90 дена, од одобрувањето на аплицираните проекти на вториот повик на крајот на септември до крајот на годината, нема доволно време за да се распишат тендерите и да се изберат изведувачи, а камо ли да се реализираат проектите на терен.

Овие средства од 20% се договорна обврска со владата која предвиде од 100% од средствата предвидени за проекти ќе се реализираат на начин што во 2025 ќе се исплатат 20% по основ аванс кон избраните понудувачи а останатите средства 60% ќе се реализираат во 2026-та и 20% во 2027-ма. Почитувајќи го тој план на динамика на владата пристапивме , ги распишавме сите тендери од кои некои завршија успешно некои не. Меѓу тие кои не завршија успешно е и тендерот за катната гаража . Сите други проекти од вториот повик се предвидени во ставките со 20% и иако исплатата или авансот е во тој износ, ние два проекти веќе имаме во фаза на реализација , зборувам за проекти за кои Владата ни додели средства во септември, тоа се патот Горно Лакочереј – Лескоец и паркот А. Ден Долард, кажа Иваноски.

Иваноски посочи дека сите проекти од првиот повик се реализирани, освен за партерно уредување во Градски гробишта каде се очекува завршување до март следната година поради дополнителни работи за изведба на атмосферска канализација.

Советниците на денешната седница ги усвоија сите точки од дневниот ред кои главно се однесуваа на изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година.