Skip to main content

Утре започнува вакцинацијата од сезонски грип

Поради топлото време, имунизацијата оваа година се прави подоцна од обично.

 |  Мишел Наумоски  | 
vakcinacija
вакцинација

Сезоната на грипови сеуште не започнала, но затоа започнува обидот за намалување на бројот на заболени од сезонски грип. Од утре официјално, во Центарот за јавно здравје во Охрид, ќе започне општата имунизација на граѓаните од Охрид, Струга и Дебар. Секоја година се јавува познатата дилема дали воопшто да се прима оваа вакцина и колку е таа корисна. Директорот на Центарот за јавно здравје Д-р Атанаско Михаилов смета дека не постои никаква оправданост за овој сомнеж. „Ако не е корисна оваа вакцина, тогаш Светската здравствена организација и сите здравствени работници кои што ја даваат, нема да ја даваат.“-вели Д-р Михаилов.

vakcini„Вакцините кои што ги даваме за сезонскиот грип во себе содржат антигени компоненти кои што штитат и создаваат амунитет и со дадениот имунитет кај тие граѓани, отпорноста и кон другите вируси е зголемена. Така да тие или не заболуваат од определен вид на заболувања или формите на заболувања се во полесна форма и полесно ги прележуваат тие видови на вируси. Нема вакцина која што штити од сите видови на грип, но ние имаме искуство секоја година, даваме околу 2500, некогаш имаше и поголем интерес кај граѓаните што е за поздравување. Искуството покажува дека ризичните групи на луѓе кои што се вакцинираат повеќе години наназад, многу поретко заболуваат.“-вели Д-р Атанаско Михаилов-Директор на Центарот за јавно здравје-Охрид

Д-р Михаилов вели дека иако сезонскиот грип е редовна појава, тој во никој случај не смее да биде сфатен несериозно. Тој додава дека можните компликации кај хронично болни, од примена вакцина против сезонски грип се далеку побезначајни од компликациите кои би настанале доколку таа вакцина не е примена.

centar za javno zdravje„Посебно кај ризичните групи на граѓани кај кои што ризикот од комплицирање на основните заболувања, хроничните заболувања кога ќе се надодадат и вирусните заболувања, односно грипот, компликациите можат да бидат фатални. И секоја година има определен процент на граѓани кои што заради компликации кои што ги предизвикал грипот, посебно кај хроничните срцеви болни, посебно заболени од мозочни удари, хронични белодробни заболувања, значи тие луѓе се и по изложеност најризични да заболат од вирусни заболувања кои што можат да предизвикаат тешки последици.“-рече Д-р Михаилов.

Д-р Михаилов вели дека и оваа година бројката на набавени вакцини се движи во просекот, односно за оваа сезона набавиле 2300 вакцини, но додава дека доколку се забележи поголем интерес, ќе набават и дополнителна доза на вакцини. Инаку имунизацијата започнува од утре во просториите на епидемиолошката служба при Центарот за јавно здравје во Охрид, од 8:30 до 14:30 часот. Вакцините против сезонскиот грип се со веќе познатата цена од 400 денари.

{loadposition content9}