УТВРДЕНА ОДГОВОРНОСТ КАЈ АДМИНИСТРАТИВНИОТ СЛУЖБЕНИК ЗАДОЛЖЕН ЗА УТВРДУВАЊЕТО И ИСПЛАТАТА НА ШТЕТИТЕ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ
Комисијата за водење на дисциплинска постапка формирана од страна на в.д градоначалникот Константин Георгиески, потврди дека дошло до злоупотреба на средствата наменети за надомест на штета од земјотресите што го зафатија Охрид летото 2017 година.
Седумчлената општинска комисија утврди дека Административниот службеник, вработен во Секторот на ТЛЕР во одделот за Развој на земјоделството, во општина Охрид, а претседател на Комисијата за процена и утврдување на висината на штета настаната од природни непогоди, несовесно ја извршувал функцијата и придонел за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресите летото 2017та.
„Постои основано сомнение и индиции за сторени неправилности по однос на исплатата на средствата за надомест на штетите од земјотресот во 2017-та година и презеде соодветни дисциплински мерки спрема раководителот на комисијата која ја водеше таа постапка. Ценејќи ги сите отежнителни и олеснителни околности, комисијата утврди престап и со тоајно гласање утврди престап и изрекување на дисциплинска мерка во висина на 30% од висината на едномесечниот износ на нето исплатената плата за последниот месец пред извршување на дисциплинскиот прекршок“, кажа Константин Георгиески в.д. градоначалник Општина Охрид.
Инаку комисијата беше формирана на почетокот на овој месец од страна на в.д. градончаланикот Константин Георгиески, а со записник на комисијата одземена беше целосната документација во врска со исплатата на штетите од земјотресите и под лупа беа ставени сите сомнителни исплати. Целокупната постапка сега во Општина Охрид е завршена и овој случај е завршен, а во иднина со него ќе се позанимаваат други институции, истакна в.д. градоначалникот Константин Георгиески.
„Денеска доставив барање за постапување, до СВР Охрид кадешто се наведени сите текови на целокупната постапка, и наоди кои се добиени од дисциплинската комисија, и целиот тој предмет од денеска ќе биде во надлежност на СВР Охрид каде е доставена целата документација. Исто така со одлука на Советот на Општина Охрид, на последната седница на предлог на опозицијата, а ние како позиција тоа го прифативме, ОЈО Охрид е известено со писмо на прецедателката на советот и во прилог на моето барање за постапување до надлежните органи се сите тие документи“, објасни Константин Георгиески в.д. градоначалник Општина Охрид.
Штетите од серијата земјотреси што во 2017 година го погодија Охридскиот регион беа проценети на 58 милиони денари. До општинската комисија поднесени беа 854 барања за проценка на штети, 802 за индивидуални објекти и 52 за деловни објекти. Исплатата на штетите доцнеше со месеци, а голем број граѓани се’ уште немаат добиено отштата.