Ќе се утврдува точната старост и потеклото на Охридското Езеро
Координатор за имплементација на проектот е Министерството за образование и наука, додека, Хидробиолошки завод од Охрид, е институцијата која ќе даде целосна логистичка поддршка при реализација на целите на проектот.
Наскоро започнува реализацијата на проектот со кој ќе се утврди точната старост на Охридското езеро. Од ЈНУ Хидробиолошки завод од Охрид не информираа дека идејата за реализација на проект од олкави размери, се базира врз прелиминарните сеизмолошко-седиментолошки истражувања обавени во Охридско езеро во периодот од 2004-2011 година кои всушност ја потврдиле претпоставката дека Охридско езеро може да се смета за потенцијален објект за започнување на длабочинско дупчење.
Со ова обемно испитување, покрај тоа што ќе се добијат попрецизни информации за староста и потеклото на Езерото, ќе се добијат резултати за тектонските и вулканските промени, како и за промените во климатските услови во централниот и северниот дел на Медитеранот, а ќе се утврди и уделот на геолошките случувања од минатото на главните еволуциони процеси во езерото. Координатор за имплементација на проектот е Министерството за образование и наука, додека, Хидробиолошки завод од Охрид, е институцијата која ќе даде целосна логистичка поддршка при реализација на целите на проектот, додека Капетанијата на пристаништа на Охрид треба да овозможи непречен транспорт и поставување на опремата на точките во езерото предвидени за дупчење.
Дупчењето ќе биде вршено на 5 точки на езероското дно, а проектните активности се планирани да траат повеќе од два месеци во периодот од 1 април до 17 јуни 2013 година.
Опремата која ќе биде користена при дупчењата е со сите потребни сертификати за квалитет и безбедност, потенцираат од Хидробиолошкиот завод. Во текот на склопување на платформата и дупчалката нема да има никакви градежни зафати од траен карактер. Главен истражувач на проектот е Д-р Бернд Багнер од Институтот за геологија и минерологија при Универзитетот во Келн, Германија.
Иако во литературата преовладуваат различни ставови за староста на езерото (од 2-10 милиони години) сепак староста од 3-5 милиони години се смета за најверодостојна. Утврдувањето на точната старост и потеклото на Езерото е токму главната цел на овој меѓународен проект со работен наслов SCOPSCO (Scientific Collaboration on Past Speciation Conditions on Lake Ohrid). Финансиската конструкција на овој научно истражувачки потфат, изнесува 2,5 милиони американски долари.
{loadposition content9}