Skip to main content

Мицкоски, Јаневска и Пецаков во увид на реконструкцијата на гимназијата „Св. Климент Охридски“

Во реконструкцијата на охридската гимназија вложени околу 100 милиони денари. По реконструкцијата на гимназијата, Охрид ќе биде општина во која сите средни училишта се современи и реновирани.
 |  инфодеск  | 

Министерката за образование Весна Јаневска со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков извршија увид во реконструкцијата на гимназијата „Св. Климент Охридски“.

-Вложувањата во реконструкција на Гимназијата досега во вкупна сума претставуваат околу 100 милиони денари. Тука досега е направено уредување на дворот, партерното уредување, оградата околу училиштето, машинско греење, внатрешна и надворешна дограма, кровот секако како еден од најбитните елементи, а во последната фаза на решавање на охридската гимназија ќе биде подот во целото училиште и секако понатаму реконструкција на спортската сала и фасадата. Така да, со комплетирање на сите овие чекори ќе го имаме и последното средно училиште на територија на општина Охрид коешто ќе биде тотално реконструирано и со нови модерни услови за функционирање и за изведување на наставниот процес за учениците, изјави градоначалникот Пецаков.

Министерката за образование упати пофални зборови за локалната самоуправа за вложувањата во образовната инфраструктура во Охрид.

Честитки до локалната самоуправа за оваа значајна инвестиција, со која конечно ќе се надминат долгогодишните проблеми во гимназијата. Ќе нема повеќе протекување на кровот, студени училници во зима или неподнослива жештина во лето. Учениците и наставниците ќе добијат многу подобри услови за работа и учење, изјави министерката.

Јаневска информира дека и МОН вложува 5,5 милиони евра во образовната инфраструктура во Охрид. Со поддршка на Европската Унија и УНДП, целосно е реконструиран и опремен Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“, а обновени се и кабинетите и работилниците за практична настава во електро-машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“.

Следна голема инвестиција е темелната обнова на државниот студентски дом „Никола Карев“.