Уживањето во убавините на НП „Галичица“ ќе се наплаќа
Уживањето во убавините на НП „Галичица“ ќе се наплаќа.
Во НП „Галичица“ ќе се наплаќа влез, паркирање на возила и поставување на шатори. За посета на излетничките места Корита, Јадера и Лескоски уши домашните и странските посетители ќе треба да платат за да уживаат во природните богатства на паркот. Од наплата за влез во паркот ќе биде ослободено локалното население, но не и охриѓани. Посетителите за дневен престој за влез во паркот ќе треба да издвојат по 30 денари, за паркирање на автомобил 50 денари, а за поставување на шатор ќе платат 200 денари. За собирачите на печурки и лековити растенија ќе треба да издвојат 500 денари за добивање на годишна дозвола. Со оваа владина одлука надоместоците ќе бидат строго наменски искористени, кажува Огнен Достиноски, раководител на секторот за одржлив развој на туризмот и еколошка едукација во Националниот парк.
„ Сите средства што ќе се соберат ќе бидат искористени наменски за заштита на паркот и зголемување на неговата чистота, за обезбедување на промотивен материјал и подобрување на инфраструктурата, со цел паркот да биде магнет за посетителите“.
Дел од јавноста заблежува дека е неприфатливо некој да профитира од националнато богатство што го дава природата. Достиноски на тоа вели дека од наплатата за влез ќе профитираат сите, а најмногу паркот кој на тој начин ќе биде почист, со подобра инфраструктура и ќе биде подобро заштитен. НП Галичица е природен феномен привлечен за посетителите и мора да се зголеми заштитата. Достиноски напоменува дека во сите земји во околината и во светот националните паркови наплаќаат влез за постителите.
„Ова се нови работи за нас, но овие цени се минимални и ги нема во регионот и Европа. Во Црна Гора влез во националниот парк чини 3 евра, а кај нас 20 -30 денари. Во Словенија и Хрватска, пак влезот во националните паркови е 15 евра за еден час“.
Во НП „Галичица“ се прават подготовки за примена на оваа владина одлука. Дел од новините ќе почнат да се применуваат од оваа сезона, а дел ќе стартуваат од идната година, појаснува Достиноски. Наплатен центар ќе има на влезот од националниот парк кој се наоѓа на патниот правец Охрид-Св. Наум, а води кон излетничкото место Корита. Интересот за посета на националниот парк „Галичица“ е особено голем кај странските туристи и кај параглејдеристите.
{loadposition content9}