Вакцинирањето против сезонски грип ќе започне на 27 октомври
Вакцинирањето против сезонски грип ќе започне на 27 октомври.
Вакцините против сезонски грип ќе бидат достапни од 27 октомври, јавуваат од Центарот за јавно здравје. Вакцините кои штитат од 3 типа на вируси на грип, кој што според СЗО ќе циркулира во 2016-2017 година, се набавени од холански производител. Се очекува до 26 овој месец да бидат дистрибуирани во центрите за јавно здравје. Иако, досега вакционирањето почнувало порано не е доцна за да се прими вакцина, подвлекува епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.
„Периодот кога се јавува најголемиот број на заболени е есен и пролет, и заради тоа се препорачува вакцинирањето да е од октомври до март. Сите кои нема да се вакцинираат во есен може тоа да го направат и во пролет. Според наша статистика пикот на заболувањето во последните 10 години е во месец јануари со почетокот на 2 полугодие од учебната година и не е касно за вакцина“, вели епидемиологот Јованка Стурлакова Коровешоска.
Најчесто, се вакцинираат повозрасните лица, но и помладите со хронични заболувања, а исто така и вработените кои се во директен контакт со повеќе луѓе, посочува Јованка Стурлакова Коровешоска.
„За жал здравствените работници и просветните најмалку се вакцинираат. Додека на шалтерските им плаќаат организациите и тие доаѓаат масовно да се вакцинираат “, нагласува Јованка Стурлакова Коровешоска.
Годинава охридскиот Центар за јавно здравје набавил 3000 вакцини. Од оваа количина 1680 се наменти за охриѓани, 960 за Струга и 360 за Дебар.