Валео студиото за физиотерапија, успешна приказна со владини проекти за самовработување
Сопственикот, физиотерапевтот, Михаил Шишкоски вели дека почетокот бил тежок, но дека со малку повеќе упорност може да се стигне до зацртаната цел.
Добрата бизнис идеја со мала помош од државата може далеку да дотурка. Физиотерапевтот Михаил Шишкоски е доказ дека тоа е возможно. Неговата ординација за физиотерапија, кинезитерапија, медицински масажи „Валео“ веќе три и пол години функционира и успешно работи во нашиот град. Михаил раскажува дека како и секој млад човек по завршувањето со образованието сонува за добра и платена работа. Согледувајќи ги можностите во нашиот град, одлучил дека треба среќата да ја побара во Скопје. Но кога бил на прагот да прифати една од понудите за работа, разбрал за проектите за самовработување на млади невработени лица.
„Размислував долго време што да правам, како да правам, дали да аплицирам, дали да не аплицирам, па ризикот, дали ќе имам работа, дали нема да имам, нормално како млад мора на се да мислам. Потоа аплицирав, направив добар бизнис план, план кој и ден-денес го реализирам. Од Агенцијата за вработување на Македонија ми ги одобрија тие средства, 3000 евра неповратни средства, ми отворија фирма, можев да купам дел од опремата која ми е потребна за работа. Ми беше како една отскочна даска за да почнам бизнис.“-рече сопственикот на ординацијата „Валео“, физиотерапевтот Михаил Шишкоски.
Добивањето на средствата воопшто не било лесно, раскажува Шишкоски. Со оглед на тоа дека станувало збор за неповратни средства, тој морал да подготви добар план и да ја образложи целта на неговиот проект до најситен детал. Почетокот му бил тежок. Тој раскажува дека поминало извесен период додека пациентите и клиентите дознале за неговите услуги и ефективноста од неговото работење.
„На почетокот кога ја отворив ординацијата и со многу малку бев задоволен. Секој нов пациент којшто ќе дојдеше за мене беше една голема сатисфакција да работам. Најважно од се ми беше резултатот, никогаш не гледав на парите, тоа не ми беше важно, важно ми беше кога ќе завршиме со терапијата со пациентот, да си замине задоволен, за да може тој пациент да каже на уште двајца, тројца, за да можам јас да почнам да работам. Тоа ми беше многу поважно од парите што ќе ги земам на крај на терапијата.“-вели Шишкоски.
Михаил вели дека луѓето не треба да се потпираат само на средствата кои првично ги добиле, бидејќи иако владината помош му се нашла при рака, вели дека мора да се биде упорен, но и постојано да се тежнее кон унапредување и на бизнис идејата, но и кон лично унапредување. Денес, три и пол години по добивањето на владините средства, Михаил со сопствени средства успеал да набави апарат за топење на шилци или т.н шоквејв терапија. Во Охрид е единствен кој поседува вака напредна технологија, а само четврти во целата република. Во иднина планира проширување на својот бизнис.
{loadposition content9}