Skip to main content

Претседателски избори 2024

Ванковска: Како иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот

Билјана Ванковска, претседателската кандидатка на Левица, од Охрид порача дека нема да дозволи внесување на Бугарите во Уставот и дека нејзина заложба е сосема нов Устав зашто постоечкиот, според неа не само што не е употреблив, туку ги дели граѓаните место да ги сплотува. Посочи дека во отсуство на вистинска претседателска дебата, таа и Левица говорат меѓу граѓаните. Пред охриѓани на градскиот плоштад Ванковска презентираше делови од програмата, а во дирекни разговори со присутните се задржа и на горливи проблеми со кои се соочуваат.
 |  инфодеск  | 

Нема проблем кој не се вкрстува во Охрид, во овој град и во овој регион, така што дирекно со граѓаните зборуваме за сето она за кое што повеќето кандидати сакаат да зборуваат од бини, од заштитени зони, рече претседателската кандидатка на партијата Левица, Билјана Ванковска на средбата со охриѓани на градскиот плоштад.

Додаде дека во отсуство на вистинска претседателска дебата, што се должи на, како што рече, нереални очекувања и барања од нејзините противкандидати кои ги поставуваат особено од Македонската радио телевизија,  таа и Левица говорат меѓу граѓаните. А меѓу охриѓани истакнати, меѓудругото, беа еколошките проблеми, негрижата за Охрид и Охридското езеро и бесправното градење.

„Од Охрид ќе порачам дека градот на УНЕСКО, градот на културата, градот на она со што би требало да се гордееме станува град на дивоградби, станува град на неказнивост, станува град на локални шерифи кои во меѓукоалициски договори избегнуваат да го почитуваат законот. Притоа,овде  како левичар, морам да го истакнам и оној момент на нарушување на антифашистичкото наследство над спомен плоча која најбезобразно е тргната од Нефи Усеини заради изградба на негов објект. Јас посакувам граѓаните не само да уживаат во убавините на Охрид туку малку и да го разбудат духот затоашто ова е време во кое одлучуваме за иднината.“ – рече Ванковска.

Пред граѓаните Ванковска презентираше делови од програмата, а  се задржа и на актуелните теми во предизборието. Од Охрид може да се зборува и низ една посебна призма која е актуелна на овие претседателски избори, а тоа е внесување на Бугарите во македонскиот Устав, рече Ванковска.

„Како што знаеме бугарската јавност и историографија дури го смета Охрид за колевка на бугарштината. Одовде јас порачувам дека како иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот затоа што во план имам сосема нов Устав. Меѓутоа морам да порачам дека сите оние бајки за одложено дејство на уставни промени се само замка во која ќе влеземе исто како во Преспанскиот договор. И знаете, еден медицински израз за одложено дејство е ретард. И нека размислат што зборуваат.“ – кажа Ванковска.

Таа и од Охрид порача дека нејзина заложба е сосема нов Устав зашто постоечкиот, според неа не само што не е употреблив, туку ги дели граѓаните место да ги  сплотува. Кажа дека нејзината агенда предвидува иницијатива за донесување  нов Устав до 2025 година. Низ дебата, во конструктивен процес со граѓаните, да понудиме еден модел на модерен Устав што ќе го ставиме на увид на јавноста, при што конечниот збор ќе го има парламентот, односно двотретинското мнозинство. Сакате ваков трибалистички, етнонационалистички устав кој не дели или сакате да бидеме држава во 21 век, истакна Ванковска.