Варичела во охридските градинки
Зголемена е појавата на варичела во охридските градинки. Заразната болест, позната како овчи сипаници, е една од најчестите детски болести. Се јавува на возраст од 2 до 8 години и се пренесува во градинките и училиштата. Децата инфицирани со варичела се заразени околу 1 недела пред појавата на осипот по телото и трае обично од 6 до 10 дена.
„Варичела има во сите градинки. Нема доминација во некоја туку бројот на заболени деца е рамномерен. Децата се од различан возраст и не можам да кажам заразени се од една или две генерации и дека се јавува само кај нив. Периодот есен – зима е сезоната кога се јавува варичелата и тоа е нормално. Посебно во градинките и училиштата. Порано имаше често појава на овчи сипаници и во касарните кај војниците кои не прележале“, информира епидемилогот д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.
Овчите сипаници повторно се појавија кај децата по пауза од две години. За време на пандемијата со ковид 19 ова заразно заболување не беше присутно кај децата во градинките и школите. Тоа го потврдува епидемилогот потсетувајќи дека два години немаше варичела, но ни сезонски грип меѓу популацијата.
„ Секогаш кога има повеќе вируси , оној кој е доминантен успева да ги сузбие другите вируси. Лани беше доминатен ковид вирусот, а помалку деца одеа во градинка,тоа е факт,а и немаа контакт помеѓу себе.Сега има сипаници. Тие знаат да се појават по 4-5 години како епидемија и е нормално. Во Македонија нема задолжителна вакцина против варичела“, информира д-р Стурлакова Коровешоска.
Епидемилогот препорачува често проветрување на просториите каде што децата претстојуваат, а потсетува и на задолжителното миење рацете. Совет и до родителите, децата кои не се чувствуваат добро и имаат температура да не се носат во градинка бидејќи децата се инфективни пред да се појави осипот, а дотогаш инфекцијата се пренесува многу лесно.