Варошанецот Мартин Гоџоски го фати крстот во Охрид
Варошанецот Мартин Гоџоски го фати крстот од осветените води на Охридското Езеро по десет години скокање. Празнувањето на Водици во Охрид е традиција која ја одржуваме и не зачувала како народ, кажа охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. Водосветот во Охрид го следеа многу охриѓани и гости.
Мартин Гоџоски, дваесет и пет годишен охриѓанец го фати крстот од осветените води на Охридското Езеро. Варошанецот Гоџоски беше најсреќниот меѓу бројните скокачи кои пливаа по чесниот крст.
Речиси десет години наназад скокам во езерото за да го фатам крстот. Голема желба ми беше да го фатам, еве тоа се исполна. Чувството е прекрасно, мислам дека тоа ќе ми донесе многу среќа и благосостојба во фамилијата. За да стигнеш до Чесниот крст мора да постиш, да си внесен во верата и да ги почитуваш правилата на Црквата – изјави Гоџоски.
Водици веќе два милениума се смета за еден од најголемите христијански празници со кој му се дава на крштевањето една од светите тајни. Во Охрид овој празник има длабоки корени. Традиционално, манифестацијата ја следат илјадници верници од Охрид, но и гости од земјава и странство.
За значењето на традиционалното чествување на Водици укажа охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, а притоа им упати честитки на фаќачот на крстот и на православните верници за среќа и благосостојба.
Продолжува традицијата со одбележување на празникот Водици во Охрид. И покрај пандемијата со ковид 19 смогнавме сили, ја организиравме оваа манифестација која што помина во најдобар ред, а од година да ја продолжиме во нормални услови. За мене е најголемиот ден што се случува во Охрид.Она што како народ не држи тоа е традицијата, таа е тука да постои, ние да ја одржуваме и да се гордееме – рече Пецаков.
Прославата на празникот Богојавление во Охрид беше пропратена со концерт на групата „Љубојна“, но и со традиционална крводарителна акција.