Skip to main content

„Ве молам возете полека“- кампања на општински Совет за безбедност

Децата од предучилишна возраст се запознаа со ризикот и опасностите во сообраќајот. Тие денес заедно со полицијата, службата на Територијалната Против Пожарна Единица и екипите на итната медицинска помош дефилираа кај кружниот тек на пресекот од охридските улици АСНОМ и Туристичка, држејќи транспаренти и пароли в рака, но на возачите им делеа и флаери.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Децата од претшколска возраст денес, со транспаренти и пароли на возачите им упатија силни пораки, „Секое дете заслужува да му се радува на животот“, „Вози одговорно! Животот е во твои раце, „Детската љубов нема граници, детскиот живот нема цена”, “Биди совесен возач”. Тое е во рамки на кампањата Ве молам возете полека. Со надеж дека овие пораки ќе допрат до секој учесник во сообраќајот, Советот за безбедност во сообраќајот на патиштата ја реализира оваа кампања во која се вклучени децата од градинката, пензионерите, припадниците на Територијалната противпожарна емисија, Итната медицинска помош и СВР, како што пренесе претседателот на Советот Стефан Димоски.

„Ова е уште еден обид на Општинскиот Совет за безбедност заедно со СВР Охрид и останатите чинители да се обидеме да го подигниме степенот на безбедносната култура. На тој начин да се придонесе кон побезбедно и повнимателно возење и секако кон можноста за елиминирање на сообраќајните незгоди како најголемо зло во сообраќајот“ – вели Димоски.

Советот за безбедност во континуитет соработува со детската градинка „Јасна Ристеска“. Од градинката велат дека едукацијата од мали нозе за правилно однесување во сообраќајот е важен фактор во намалувањето на сообраќајните незгоди .

„Се запознаа и со сообраќајната инфраструктура доаѓајќи од сите објекти на градинката, по улиците со дефиле каде што ги изложија паролите и се надеваме дека ваквите активности кои што почнуваат со децата од најмала возраст ќе вродат со плод “ – истакна Костеска.

Горан Маркоски од ТППЕ Охрид изнесе податоци колку нивните припадници извршиле интервенции при сообраќајни незгоди годинава.

„Со почетокот на оваа година ТППЕ зела учество во вкупно 8 технички интервенции во справување со последиците настанати од сообраќајни незгоди “.

Кампањата на Советот за безбедност „Ве молам возете полека“ ја подржуваат и охридските пензионери. Претседателот Ѓорги Трпчески вели дека ваквите кампањи се повеќе од потребни во градов.

„Оваа акција ја подржуваат пензионерите и навистина се изненадени од организација на една ваква акција на Советот за безбедност во сообраќајот, што допринесува младите и постарите да се чуствуваат безбедни во сообраќајот, кој навистина е динамичен и треба да се внимава при возењето“ – вели Трпчески.

Најинтересен момент беше оној кога децата со асистенција на полицаецот сопираа возила, даваа флаери и во еден глас на возчите им пренесуваа пораки. Инаку на денешната активност полициски службеник на децата градинката им одржа едукативен час за тоа како и на кое место треба да се помине по коловозот од улицата.