Skip to main content

Вечер на Живко Чинго: Книжевното наследство што не згаснува

Со традиционалната „Вечер на Живко Чинго“ се одбележаа 91 година од неговото раѓање, но и трајната вредност на неговото книжевно дело.
 |  инфодеск  | 

Во родното Велгошти, Охрид  синоќа се потсети  на еден од најзначајните македонски раскажувачи. Со традиционалната „Вечер на Живко Чинго“ се одбележаа 91 година од неговото раѓање, но и трајната вредност на неговото книжевно дело.

Манифестацијата e  потсетник на големиот македонски раскажувач и место каде што пишаниот збор продолжува да живее.

„Живко Чинго нè научи дека расказот е најдлабокиот отпечаток на човековата душа, магичен мост меѓу нашата традиција и современиот копнеж за слобода. Неговата литература останува траен патоказ за секој што се осмелува да пишува“, истакна Перчо Божиновски, претседател на Советот.

Во рамките на манифестацијата беше доделена и наградата за најдобар расказ. Оваа година признанието му припадна на д-р Марјан Патлиџановски за расказот „Службен пат до Тирана“.

„Чинго нè учеше дека книжевноста не е во големите зборови, туку во чудото скриено во секојдневниот живот, во човечноста што опстојува и кога времињата се тешки. Вечерва, прифаќајќи ја оваа награда, чувствувам одговорност и обврска да останам верен на приказната, на јазикот и на луѓето за кои пишувам.“, истакна Марјан Патлиџанковски – награден автор.

Во беседата посветена на Чинго, академик Катица Ќулавкова се осврна на неговото место во македонската литература и на книжевната моќ на неговите дела.

„Во тој контекст, и македонскиот книжевен јазик е столб на националните вредности, обележје на државноста. Тој е бесценето добро, наследено и стекнато, меморија без која би биле избришани од мапата на цивилизираните народи“, рече Катица Ќулавкова, академик.

Манифестацијата беше збогатена со културно-уметничка програма  насловена „Македониум“, на која настапија повеќе изведувачи.

Соња Рилковска