Skip to main content

охридско лето

Вечер што долго ќе се памети со пијанистките Ана Миерник и Јоана Сохачка

На репертоарот беа внимателно одбрани композиции од Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Игор Стравински, Сергеј Рахмањинов и од полскиот композитор Јан Падеревски, а прекрасната вечер беше заокружена  со познатата композиција  „Либертанго“  од Астор Пјацола.
 |  инфодеск  | 

Традиционалната Полска вечер на фестивалот „Охридско лето“вчеравечер под сводовите на црквата „Света Софија“ донесе концерт за четирирачно пијано со уметниците  Ана Миерник и Јоана Сохачка.

На репертоарот беа внимателно одбрани композиции од Роберт Шуман, Петар Илич Чајковски, Игор Стравински, Сергеј Рахмањинов и од полскиот композитор Јан Падеревски, а прекрасната вечер беше заокружена  со познатата композиција  „Либертанго“  од Астор Пјацола.

Пијанистката Јоана Сохачка, стручната критика ја опишува  како уметник кој „Не само што свири, туку и живее во музиката“. Таа е пијанистка која ги истражува  звучните светови со  интелигенција и пијанистичка култура.

-За репертоарот се потрудивме да одбереме дела кои ги сакаме, но и дела кои се интересни за публиката. Бидејќи настапуваме на Полската вечер на фестивалот, сакавме да вметнеме и полски композитор и затоа го ставивме и Падеревски, вели пијанистката Сохачка која првпат настапува на фестивалот „Охридско лето“.

 Пијанистката Ана Миерник вторпат се претставува пред  фестивалската публика и вели дека секое доаѓање за неа претставува огромно задоволство.

-Како што паметам од минатиот пат, црквата има  неверојатна акустика, особено за пијано. Додека ги одржувавме пробите во црквата влегуваа и туристички групи преку  чии водичи  имав можност да научам повеќе за овдешната историја. Ваквите места како што е црквата „Света Софија“, комбинирани со видот на делото можат да бидат многу инспирирачки за еден уметник.

Години наназад, „Охридско лето“ заедно со Амбасадата на Република Полска и Почесниот конзулат на Република Полска во Охрид организираат Полска вечер во рамки на фестивалската програма, со настапи и концерти на реномирани уметници и музичари од Полска.