Skip to main content

Пештерна црква

Вечерва и утре се слави Свети Еразмо

Вечерва сите патишта водат кон Свети Еразмо. Црквата посветена на Св. Еразмо, се наоѓа на околу три километри од Охрид, во карпите, десно од патот што води од Охрид кон Струга.
 |  инфодеск  | 
Свети Еразмо

Вечерва и утре се одбележува споменот на Свети Еразмо Охридски. Верниците по традиција масовно го посетуваат манастирот, посветен на светителот. 

Свети Еразмо е пештерна црква во близина на Охрид. Црквата посветена на антиохискиот архиепископ Еразмо, се наоѓа на околу три километри од Охрид, во карпите, десно од патот што води од Охрид кон Струга. Оваа пештерна црква, со својата долга историја, е повеќепати преправана. Добро е сочуван ликот на Византискиот император Андроник II – Палеолог, кој датира од 18. век.

Осаменоста на оваа пештерна црква на овој дел од брегот на Охридското Езеро, стеснетоста на користениот простор и некои други елементи укажуваат дека се работи за поединечни испосници, или сосема мало калуѓерско братство што живеело во малите конаци покрај пештерната црква.

Житие Свети Еразмо Охридски 

Овој светител беше родум од Антиохија и живееше во времето на царевите Диоклецијан и Максимијан. Се подвизувше крепко на Ливанската Гора и имаше од Бога голем дар на чудотворство. Како архиереј тргна да го проповеда Евангелието. Кога дојде во Охрид, Еразмо го воскресна синот на некој човек по име Анастас и го крсти овој човек. Во таа прилика крсти и мнозина други незнабошци и ги разори идолските жртвеници во Охрид.

За ова беше обвинет кај царот Максимијан, којшто во тоа време престојуваше во Илирија. Царот го изведе пред бакарната статуа на Ѕевс и му нареди да принесе жртва и да му се поклони на идолот. Свети Еразмо направи со благодатта, па од статуата излезе страшен змеј и го исплаши сиот народ. И пак направи светителот со благодатта и змејот пцовиса.

Тогаш светителот Го проповедаше Христа и крсти дваесет илјади души. Огорчен царот нареди и ги заклаа сите овие дваесет илјади христијани, а Еразмо го стави на тешки маки, па потоа го фрли во затвор. Но му се јави ангел Божји, како некогаш на Светиот апостол Петар и го изведе Еразмо од затворот. По ова овој Божји слуга отиде во Кампанија, каде што им го проповедаше Евангелието на луѓето, па повторно се врати во градот Хермелија, каде што се повлече во една пештера, во која се подвизуваше до смртта.

Пред смртта трипати се поклони кон исток и со воздигнати раце Му се молеше на Бога, Бог да им ги прости гревовите и да им подари вечен живот на оние коишто со вера ќе го повикуваат неговото име. На крајот од молитвата се слушна глас од небото: „Нека биде како што се молеше, исцелителу мој Еразмо!“ Сиот радосен светителот погледна уште еднаш на небото и го виде венецот на славата кога се спушташе на него и виде хорови ангели, пророци, апостоли и маченици, кои приоѓаа да ја примат неговата душа.

Најпосле самиот возвикна: „Господи, прими го духот мој!“ и издивна, во 303 година. Пештерата со црквичката на Свети Еразмо и денес стои недалеку од Охрид и од неа и до денес се пројавува големата сила на овој Божји угодник, свештеномаченик Еразмо.