Skip to main content

Охридско лето

Вечерва концерт на флејта и пијано

Концерт за флејта и пијано со Јанош Балинт и Владимир Милошевиќ вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Св. Софија“.
 |  инфодеск  | 
Јанош

Во катедралната црква „Света Софија“ вечерва од 21 часот ќе настапат флејтистот Јанош Балинт од Унгарија и пијанистот Владимир Милошевиќ од Србија.

На концертот што е во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе бидат изведени дела од Доплер, Дворжак, Дебиси, Барток, Масне и Борне.

Роден во 1961 година во Унгарија, Јанош Балинт дипломира на Академијата „Франц Лист“ во Будимпешта во 1984 година. Добитник е на бројни награди на меѓународни натпревари.

Основач е на институтот „Доплер“ во Унгарија, а во моментот предава на Високата школа за музика во Детмолд, Германија и е гостин-предавач на Академијата „Карел Шимановски“ во Катовице.

Како солист настапувал во скоро сите земји низ Европа, но и во САД, Јапонија, Тајван, Кореја и Израел во камерни формации. Има снимено преку 30 ЦД-а за „Хунгаротон“, „Капричо“ и „Наксос“.

Нeговиот широк репертоар за флејта вклучува преку 1000 композиции кои датираат од барокот па сé до современите дела за флејта, а некои од нив се напишани специјално за него.

Во оваа бројка покрај делата за соло флејта, свое место имаат и концертите за флејта и оркестар, камерни композиции за флејта и пијано, гитара, харфа или глас. За да го прошири репертоарот уште повеќе, Балинт самиот компонира транскрипции за дела кои оригинално не се напишани за овој инструмент.

Јанош и Владимир

Владимир Милошевиќ важи за еден од најистакнатите српски пијанисти на неговата генерација. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот во Белград во класата на проф. Невена Поповиќ, а продолжил да се усовршува во Италија кај Лазар Берман и Мишел Далберто.

Од страна на менаџерската куќа New York Concert Artist and Associates е прогласен за „Ѕвезда во подем“ и овозможен му е настап со оркестар во „Меркин Хол“ во Њујорк. Настапувал во концертните сали во Париз, Лондон, Берлин, Прага, Виена, Тел Авив, Милано, Рим, Перуџа, Венеција, Ница, Лион и Вилнус. Како победник на Меѓународниот натпревар во Виченца, дебитира во „Карнеги Хол“ во Њујорк во 2005 година.

Турнеите го водат во Јужна Африка, Бразил, Мароко и Австралија каде настапува со рецитали и одржува семинари. Носител е на бројни награди и признанија од меѓународни натпревари во Франција, Полска, САД, Австралија и Италија.